Романот „Лудвиг“ е објавен во 2007 г., го преведов на македонски во 2011 г. Во тие години постмодернизмот беше убедливо докажан во светската, балканска и српска книжевна продукција, а веќе почнуваа сериозни преиспитувања во однос на неговите понатамошни можности. Главниот лик во романот на Албахари, Лудвиг, понекогаш е злобен на сметка на постмодернизмот, иако во неговото светски познато и признаено дело „Папокот на светот“ (наслов „позајмен“ од романот на Венко Андоновски, едно од најдобрите постмодернистички дела во македонската литература!), како што прашува критички расположениот читател: „… сосема слободно користите архивска историска граѓа, па дури и слободно преземате поединечни делови од разни книги, записници и воени дневници, но подоцна никаде не наведувате прецизни податоци за тие извори, па ме интересира дали е тоа вообичаена постапка во пишувањето или нешто друго?“. Забелешка што веднаш потсетува на кампањата против „Гробницата за Борис Давидович“ на Данило Киш (и против постмодернизмот), на кои беше одговорено со прекрасната полемичка книга на авторот „Час по анатомија“.
Од друга страна, Лудвиговата популарност е неприкосновена во јавноста – „…во еден момент го доби целиот свет објавувајќи книга што, како што велеше, ја врати нашата книжевност во Европа и го фрли светот на колена“. Во негова чест се организира специјална книжевна вечер во преполнетото белградско Народно позориште, стотици посетители мораа да останат надвор, „… и полицијата мораше да го обезбедува редот, но луѓето се смирија дури кога им се обрати Лудвиг и рече дека, штом се заврши книжевната вечер, ќе дојде да чита само за нив и тие, потоа, мирно чекаа наредните три часа во малиот парк спроти театарот“. Начинот на кој Лудвиг го прославува својот книжевен триумф веднаш асоцира на големиот успех што го доживеа „Хазарскиот речник“ на Милорад Павиќ и успешниот маркетинг во рекламирањето на несомнениот пробив на ова значајно книжевно дело во светот.
Иако со очигледна потсмешливост, овие описи покажуваат какви биле популарноста и авторитетот на писателот во тогашниот општествен живот. Случајот на славениот писател, иако во „Лудвиг“ изгледа екстремно, не е издвоен кога станува збор за популарноста што во бившојугословенската државата ја имаа истакнатите автори. Колку значеа Андриќ, Крлежа, Конески, Јаневски… – не само поради важноста и почитта кон нивните книжевни дела туку и како извонредно моќни фигури во книжевната, културна, јавна сфера. Точна е забелешката дека овие автори беа доволно безбедни и вешти никогаш да не дојдат во отворен судир со партијата. Но и оние писатели што беа далеку од миленици на еднопартискиот систем, како Ујевиќ, Црњански, Киш…, уживаа несомнено влијание и популарност меѓу своите обожаватели. Се сеќавам како беше дочекан Црњански кога се врати од долгогодишниот лондонски прогон, како магнетно ги привлекуваше студентите на мојот Филолошки факултет, како и слушателите пред радијата и транзисторите за време на неговите ноќни разговори.
Се чини дека тогаш, пред нецели четири децении, не само во бивша Југославија, туку и во светот, писателот имаше многу позначајна улога и функција во општеството отколку денес. Во таа смисла, уште едно лично сведоштво е моето париско доживување за средбата со Борхес, глобално, светски познат писател, организирана во Колеџ де Франс пролетта 1983-та. Еве што сум запишал за тој настан: „… три преполни полукруга обожаватели – првиот, во големиот амфитеатар, вториот, во ходниците околу салата, третиот, во дворот. Се наоѓавте во вториот полукруг на маѓепсаната публика: и покрај остроумните, итри духовитости, неподвижниот анфас на 85-годишната сфинга од екранот на видеобимот ви личеше на зголемена фотографија од некоја енциклопедија“.
Зарем оваа сцена не личи на настапот на Лудвиг во белградското Народно позориште?
Интересно е дека ова е парче од текстот со кој го коментирав изборот на Кортасаровиот расказ „Далечна“ во антологијата „Најдраги раскази од странски автори“, а во редакција токму на Албахари. Во изборот учествуваа членовите на „Распис“, неформална асоцијација на прозни писатели од бивша Југославија што, како што духовито забележа Албахари, стана „меѓународна група“ од писатели, кои, освен во Србија, Хрватска и во Македонија, заминаа да живеат во Холандија, Германија, Аргентина и во САД.
И самиот Албахари набргу, во 1994., замина во Калгари, Канада.
(продолжува)