Туристите доаѓаат тука најпрвин поради страшните глетки од хаварисани предмети на исушеното дно на, до неодамна, четвртото најголемо езеро на земјата
Авангардната уметност во времето на Сталиновото владеење на стравот беше строго забранета како изопачено застранување од строгите контури на државно поддржаниот соцреализам, а непослушните уметници завршуваа во гулаг. Но на зафрлениот дел на северен Узбекистан, далеку од полуинтелигентните чиновници на државната власт, еден човек околу 1950 година почнал да собира колекција на дисидентска уметност. Тоа беше Игор Савицки, поранешен електричар од добростоечко руско семејство, кој во зафрлениот Нукус дошол за археолошко ископување. Својата страст кон авангардата на крајот, во 1966 година, ја преточил во основање музеј во овој средноазиски град, и тој музеј стои и денес, иако големата колекција на уметнички дела во него пропаѓа поради очајната состојба на зградата и покривот што прокиснува.
Савицки ставил многу од тоа на коцка, некои од сликарите чии дела ги собирал биле мачени или убиени, а многумина поминале години во гулазите. Во 1930-тите години Сталин ја забранил сета уметност што не му припаѓала на соцреализмот. Стиловите што ги импресионирале европските уметници, кубизмот, футуризмот, дури и импресионизмот, биле ставени надвор од законот. Савицки се зафатил со мисијата за спасување на делата на руските формалисти и знаел да патува по три дена со воз до Москва за да ги посетува семејствата на тогаш непожелните уметници и да собира дела што биле скриени на таваните. Го нарекувале пријател на вдовиците. Собирал и многу од делата на еврејските уметници, но и уметнички. Меѓу нив е, на пример, и цртежот на Надежда Боравај, кој прикажува изгладнети затвореници, мртви деца и жени со броеви за идентификација. Дури и во 1982 година не смеело да се открива дека таа сцена не претставува сцена од нацистички концентрационен логор, туку сцена од советски гулаг.
Сликата „Бик“ на Владимир Лисенко, кој бил во затвор, Савицки морал да ја тргне од поставката кога го посетила КГБ. Но авангардниот кустос ги надмудрил цензорите преименувајќи ја сликата во „Фашизмот напредува“ и повторно ја изложил утредента.
Неговиот музеј денеска претставува вистинска ризница на уметност, која во рацете на меѓународните трговци со уметнички дела би вредела милиони. Но зградата се наоѓа во очајна состојба, а ниту во зафрлениот Нукус нема ништо што би ги привлекло посетителите, дури ни ресторани. Штом узбекистанското министерство за култура го распишало меѓународниот конкурс за нов управител на галеријата, која ја удомува втората по големина колекција на руската авангарда во светот, колумнистката на „Гардијан“, Сузан Мур, воодушевено се упатила во таа мека на „забранетата уметност“. Во својот текст таа опишува како разбрала дека тој простор ги привлекува посетителите единствено со „туризмот на катастрофата“: Аралско Езеро, некогашното четврто по големина во светот, се намалило поради советскиот систем за наводнување и хемикалиите што биле испуштани во него. Сета риба во езерото изумрела, а посетителите ги дочекува „ужасен фотогеничен пејзаж од ’рѓосани бродови на исушеното дно на езерото, кое изгледа како површинa на Месечината“, пишува Мур и додава дека ветровите разнесуваат токсична прашина на овој простор, која предизвикува рак и смртност кај новородените деца.
Сеедно, Узбекистан се надева дека со укинување на визите ќе привлече туристи во градовите на некогашниот Пат на свилата. Единствената уметничка колекција во Нукус во толкава мера е запуштена што е тешко да се поверува во масовен налет на љубители на уметноста во иднина, но не треба да се занемари дека, всушност, таа оддалеченост од сѐ, наедно е единствената причина зошто колекцијата успеала да ја преживее сталинистичката ера. Но, исто така, не треба да се заборави дека станува збор за уметност за која буквално уметниците умирале, а грижливо ја собирал човек обземен со мисијата да ги зачува нивните дела.