ГОДИНА НА ХИПХОПОТ (6)

Денес, лириките на хипхопот драматично се променија во однос на темите и сфаќањето на самите автори. Ако во 1970-тите и почетокот на 1980-тите години хипхоп-текстовите изобилуваа со лесни рими и повици за забава, во средината на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години лириките станаа повулгарни и со политичка содржина; средината и крајот на 1990-тите години го означија врвот на хипхопот и од аспект на квалитетот на поетиката и од аспект на музичката продукција; во новиот милениум текстовите „се разводнија“, се приближија до т.н. поп-култура, а музиката стана поелектронска, приспособена на модерните побарувања на музичката индустрија и на публиката.

Интересен е фактот дека песните што се споделуваат на Фејсбук содржат повеќе „про-социјални“ лирики, со многу повеќе позитивни теми како што се: учење, школување и дипломирање, изразување на верата и духовноста итн. Од друга страна, лириките застапени во песните, кои можат да се сретнат на билборд-листите во себе содржат помалку социјални нишки, а повеќе агресија, дерогативен јазик кон жените и мажите, поттикнување употреба на дроги и материјализам.

Хипхоп-текстовите се богати со имагинација, епитети и метафори. Тие можат да се употребат за учење иронија, тон, дикција и точка на гледање на одредена проблематика. Исто така, хипхоп-текстовите можат да се анализираат и според темата, мотивот, заплетот и развојот на карактерите. Нив можат да ги изведуваат феминисти, модернисти, постмодернисти, реалисти, марксисти, психоаналитичари, структуралисти. Повеќемина книжевници, лингвисти и културолози имаат забележано дека хипхопот може да се искористи и како мост меѓу улицата и академскиот свет.

Обичните рими повеќе не поминуваат кај слушателската и читателската публика бидејќи се ставени под микроскоп на критичката јавност. Токму затоа се промени и пристапот на книжевноста кон хипхоп-текстовите. Се појавија низа водичи за пишување квалитетни текстови, кои во себе вклучуваат вежби за пишување лирики, мултисилабични рими, шеми и насоки за рими, креативни концепти и сл. Од погоре изнесеното, според Морел и Данкан-Андраде, може да се заклучи дека: „Хипхоп-текстовите се литературни текстови и можат да се употребат за конструирање литературни термини и концепти и на крајот, да поттикнат книжевни толкувања“. Ова ни укажува дека лириката на хипхопот стана попрефинета, академски поттикната и приспособена за употреба дури и во училишниот систем.

Славчо Ковилоски