Отпорниот велемајстор Дедал и кон летањето приоѓа како кон градителски проект: со подготовка, планови, нацрти, се подразбира – и со внимателна вештина (неопходната techne) во изработката. Дедал го уважува небото, како што ја уважува почвата при градбата на лавиринтот. Осознавајќи ги границите на потенцијалната и практичната слобода во ризичната игра со елементите, Дедал ги определува, планира и изведува иновативните идеи на својата градителска имагинација.
А каде е тука Икар? Со темперамент најблизок до музичкиот (а постоен во сите сфери на уметноста), тој нестрпливо исчекорува, брзо се судира и ги решава конфликтите, па не сочекувајќи го решението, ита (лета) кон следниот предизвик. Прикриениот антагонизам татко-син го разградува лабавото единство градител-музичар однатре, во самиот уметник; од тој аспект, игнорирањето на стапалата кај Икар и неговиот некритичен восхит кон царството на височините, резултира со еден вид самоубиство што дионизискиот летач го извршува во опивност, не почитувајќи ги законите на тоа небесно, навидум тотално ослободено царство. Наспроти другите самоубијци, Икар нема помодрено лице, ниту нагрдено тело. Тој е пламена топка, метеор чија огромна радост што го почувствувал митолошкиот боженски простор му го запалува телото. Кревката граница меѓу итрината и спонтаноста, меѓу конкретноста и занесот, се чини е двојно подвлечена меѓу таткото Дедал и синот Икар.
Но дали се жртвува само едниот и дали е тој навистина само жртва? Примерите со „Икарите на рокенролот“ – Морисон, Ленон, Хендрикс, Џоплин… – уште еднаш ја потврдуваат поинаквата, номадска перспектива на икарството. Алчното време ги голта можностите, но младоликоста пазена за огледалото е доријангрејовска утеха со ужасно разоткривање на крајот. Ако уметноста, според законитостите познати само на неа, го најде ризичниот исчекор, таа за возврат може да создаде чудо!
Без оглед дали летот на Дедал и Икар е вистина или мит, тој, 1.500 километри долг лет, е најдобар доказ (заедно со патувањето во небесните височини на месопотамскиот јунак Етан, кој јавал на орел, или на истанбулскиот фантазер, кој „отфрлајќи“ се од највисоката џеновјанска кула, ја прелетал целата престолнина, или на летачот во „Рубљов“, или на нашиот ќелеш, кој, пак, со помош на верниот орел, од високите височини се спушта во долните царства) дека човекот, како и птицата, не само што има право на свое парче небо, туку и на свој лет низ целото небо.
Астролошка добелешка: во книгата „Le zodiaque, cle de l’homme et l’universe“, белиот маг Омраам Иванов го поврзува летот со ерата на водолијата: „За време на ерата на рибите, пространствата на водите се оние што се истражуваат – со пловидби. Со водолијата, се влегува во сферата на воздухот – телекомуникациите, авионите, ракетите…“. Очигледно е дека лавиринтот, заедно со Минотаурот, припаѓа на ерата на бикот, онаа на пирамидите и сетилната краволика Хатор, на Урук на Гилгамеш (понекогаш претставен со рогови) и неговиот застрашувачки соперник, небескиот бик на Иштар, на моќниот Рудра од Риг-Ведите и на Врисхабка, придвижувачот на космичкото тркало, на биковите на глинените печати од Мохењо-даро, предводени од итифаличен лик со големи рогови што седи крснозе… Според тоа, Дедал и Икар преку својот лет прескокнале 4.000 години, односно две космички ери. Оттаму не е чудно што астрономите малечкиот, стреловито брз метеор што секои две децении минува покрај нашата планета, но никогаш преблизу, на својот „надвоздушен“ пат, ја нарекле токму Икар.
(продолжува)