Потребен е амбициозен мултимилионски јавен уметнички проект за поддршка на културните институции за време на пандемијата на коронавирусот, како и за помош во создавање нова генерација уметници, вели едно од најпочитуваните имиња на британската уметност Ханс-Улрих Обрист, уметнички директор на галериите „Серпентин“. Тој вели дека проектот би требало да биде сличен на Проектот за јавни уметнички дела на Френклин Д. Рузвелт и Администрацијата за напредок на уметнички дела, што претседателот ги постави за време на Голема депресија во 1930-тите.
– Преку овие проекти, уметниците добија плати и беа во можност да истражуваат и да создаваат дела за време на ерата на Новиот договор. Многу луѓе ги добија своите први реални работни места – вели Обрист.
Шемите вработија повеќе од 3.700 уметници, произведоа повеќе од 15.000 дела и помогнаа да се започнат кариерите на Jексон Полок и на Марк Ротко.
– Тоа е толку фасцинантен проект кога размислувате каде се наоѓаме сега, како во смисла на поддршка на економијата така и за важноста да им помогнеме и да се грижиме за уметниците. Владата на Велика Британија треба да направи вакво нешто – додаде Обрист.
Коронавирусот ги принуди сите галерии и музеи да се затворат, го стопираа промовирањето на нови дела и доведе до откажување на сите саеми. Обрист верува дека планот ќе помогне да заживее британското творештво, откако вирусот ќе биде ставен под контрола.
– Во ова време на криза, важно е музеите да размислуваат за тоа како можат да ги спуштат своите sидови и да станат достапни за сите – додаде тој.
Кураторот и историчар на уметноста вели дека „бесплатниот прием е основата“ за британските културни институции, кои треба да ја искористат епидемијата како шанса да го преиспитаат начинот на кој комуницираат тие со јавноста и дека „дарежливоста треба да биде медиум со кој работат музеите и галериите“.
Уметничкиот совет на Англија ги објави плановите за пакет одговори за итни случаи од 160 милиони фунти, кои ќе им овозможат на уметниците пристап до грантови од 2.500 фунти и нуди 50 милиони фунти за организации надвор од националното портфолио, со дополнителни 90 милиони фунти за поддршка на организации од национално портфолио.
И други светски уметнички лидери за „Гардијан“ изјавија дека од Владата ќе бараат голема поддршка за време на кризата и дека улогата на музеите и галериите за време на јавниот карантин треба да се префрли на интернет, за да се обезбеди пристап до голем број уметнички дела.
Директорката на „Тејт“, Марија Балшо, вели дека улогата на галериите и на музејот е „да го одржуваат духот на креативните луѓе“ со тоа што ќе се фокусираат на онлајн-ресурсите, како што се виртуелните изложби и видеа, како и да се обезбедат повеќе образовни ресурси, за да им помогнат на родителите да создадат средина за учење за нивните деца.
– „Тејт“ мора да игра улога во тоа – рече таа.
Балшо, која даде изјава во која потврдува дека сите четири објекти на „Тејт“ ќе се затворат, додаде дека на нацијата ѝ е потребна уметноста повеќе од кога и да било, во време на голем стрес и вознемиреност.
– Ако Дејвид Хокни може да направи уметничко дело како одговор на оваа ситуација, треба да запомниме дека и ние мора да имаме свој креативен одговор. Веќе видовме како Италијанците пеат на балкони. Треба да го засилиме нашиот човечки капацитет и креативно да одговориме на неволјата – вели Балшо.
Наградуваниот уметник Мартин Крид, кој изведе краток настап од неговиот дом во Лондон, како дел од новата онлајн-серија „Диспечерс“, откри дека никогаш не верувал дека појава на болест ќе го промени начинот на кој тој работел.
Хартвиг Фишер, директор на Британскиот Музеј, за „Гардијан“ изјави дека на институцијата дефинитивно ќе ѝ треба помош од Владата за да се надмине кризата.
– Никој не е подготвен за овој момент. Со затворањето на музејот, голем дел од приходите изгубивме. Дефинитивно се соочуваме со многу тежок момент што го споделуваме со сите институции низ целата земја – вели тој.
Фишер додаде дека посетителите во Британскиот музеј често доаѓаат за да научат за историјата на човештвото и за тоа како луѓето во минатото се соочувале и се справувале со предизвици.
– Ова е нешто што станува уште посилно сега – посочи тој.