Кружно патување на монахот

ЗА ТРИЛОГИЈАТА КРУЖНО ПАТУВАЊЕ, 2

Сценариото за филмот „Кружно патување на монахот“ е резултат на долго истражување за тоа што е карактеристично за Охрид и за Охридско Езеро и како тоа да се прикаже во една неконвенционална, волшебна, аниматорска приказна. Во манастирот „Св. Богородица“, Заум, во кој е насликана една од највпечатливите и најконтроверзни фрески, Св. Ана Млекопитателница како ја дои Богородица, со голата града потсетува на сцената со голите „вештерки“ во „Андреј Рубљов“ на Тарковски и така се роди идејата за иконописецот покрај Охридско Езеро, кој слика фрески во манастир далеку од цивилизацијата. Сензуалноста и живите бои на фреската Св. Ана нѐ донесоа до митот за охридските самовили т.н. езерки. Во целата светска митологија постојат древни бајки или приказни за самовилите и кај сите народи тие се сметаат за митски суштества, духови или полубожества. Од гледиште на еросот и љубовта, тие се волшебни убавици, кои мамат во љубовна игра, крај извори, реки, шуми и езера, во белина на месечина, со чародејство на музика. Во грчката митологија биле нарекувани нереиди: божици на месецот што управуваат со водите.

Во римската митологија биле фати, собрани главно по три, извлекуваат нишка од човечка судбина, го вртат тркалото на животот. Француските феи симболизираат натприродни сили на духот и чудесна моќ на имагинацијата. Ирските самовили банши, германските елфи, скандинавските вилу итн. Во руската митологија се нарекуваат русалки и се замислувани како убави девојки во бело, кои играат и пеат по езерата и реките. Кај нас и кај другите јужнословенски народи биле замислувани како млади, исклучително убави девојки, во бела проѕирна облека, со долга руса коса на плеќите, со крила под мишки, симбол за лесен, подвижен дух, играат самовилско оро и се волшебници на љубовната игра. Се случува дури и да се мажат за јунаци, дури и да раѓаат деца, но не признаваат брачни обврски.
Од целото ова истражување се роди идејата за секогаш контроверзниот спој меѓу митологијата и религијата, приказната за самотниот иконописец, кој ќе биде намамен од езерските самовили и кој ќе се инспирира од самовилата-мајка за да ја наслика фреската Св. Ана.

Приказната започнува со Охридско Езеро, централна фигура е монахот самотник, иконописец во манастирот „Св. Богородица“, Заум. За да се истакне самотијата, осамувањето на човек што решил да биде сам со себе и со бога, во долги кадри монахот ќе биде прикажан како копа во градината, како го средува дворот околу манастирот, како бере јаболко по јаболко, како долго весла, лови риба, бавно јаде со раце од примитивни посади, слика денови и ноќи библиски сцени, инспириран од самотијата со бога и божјото слово. И одново, и одново, сѐ додека од кајчето не слушне женски гласови во далечината. Најпрвин ќе мисли дека „ѓаволот“ го предизвикува, го лаже на соблазна, сѐ додека гласовите не станат појасни и погласни и самиот не отиде да се увери во нивното постоење. Оттука ќе се роди и немирот, ќе се роди потребата да се насликаат убавината и сензуалноста на прекрасната самовила-мајка, која си игра и го дои своето детенце. Ќе падне на колена и ќе побара прошка од бога, не затоа што насликал природен мајчински чин, туку затоа што бил предизвикан од нечистите мисли, соблазна, која тој, таму, осамен, духовно пречист, си дозволи да го обземе.

Трилогијата „Кружно патување“ е класична анимација, односно секој кадар е цртан рачно. Аниматорската техника во која е работен филмот е наречена ротоскопија, односно целиот филм најпрвин е снимен со актери, а потоа се црта врз снимениот материјал. Се обидовме да ја доловиме специфичната атмосфера преку груби и меки потези на молив на хартија, од силни експресионистички линии што оставаат „празнини“ во цртежот, создавајќи притоа една сонлива реалност и овозможувајќи имагинарно создавање на нови настани или ликови, а со импресионистичката игра со сенките, сцените се како далечни сеќавања. Цртани се по 10-12 цртежи за секоја секунда од филмот и за целосно завршување на проектот ќе бидат нацртани повеќе од 20.000. Секој од овие цртежи е правен со посебно внимание и сам за себе претставува посебно дело.
Резултатот е авторска анимирана трилогија, во која индивидуалната креативна енергија беше инкорпорирана во вдахновена тимска соработка.