Моја лична тенденција и во разговорот со актерите на самиот почеток беше да се обидеме да направиме еден чекор понатаму во однос на театарскиот јазик што е вообичаен на овие простори, вели режисерот Васил Христов
Театарската претстава „Кралот Иби“ на Алфред Жари, во режија на Васил Христов, вечерва ќе ја има својата втора премиера во Драмскиот театар, со почеток во 20 часот.
Како што беше соопштено на вчерашната прес-конференција, на која учествуваа најголем дел од 14-те актери од оваа претстава заедно со режисерот, станува збор за втора премиера, откако првата официјално била одржана во декември минатата година, но била побарана медиумска покриеност за втората, како обележување на почетокот на новата година.
На оваа поставка на „Кралот Иби“, режисерот Христов ѝ пристапува со драматуршко-режисерска колажна постапка, која е одлика на современиот европски театар, особено на германскиот, и тоа особено во втората половина на 20 век, па до денес. Најчесто таа се поврзува со појавата на еден од најголемите театарски уметници Хајнер Милер. Покрај текстот на „Кралот Иби“, во текстот за претставата се вметнати и фрагменти од делата на Шекспир, особено земајќи предвид дека Жари ги пародира неговите дела при создавањето на своето дело „Кралот Иби“. Овој колажен пристап инсистира на изустување на конфликтот, на конфронтација на противречноста на сите сегменти на театарскиот живот.
– Францускиот автор Алфред Жари претставува предвесник на надреализмот во театарот, како и основоположник на театарот на апсурдот. Неговото култно дело „Кралот Иби“ се третира како прва модерна авангардна драма во театарската традиција, која веднаш по нејзиното поставување на сцена го сврте вниманието на публиката кон артифициелноста на театарските конвенции. Овој текст е еден од првите три стилизирани бурлески каде што Жари го исмева и ги покажува аномалиите на модерното време. Преку главниот протагонист, таткото Иби, во една структура на гротескна пародија на Шекспировиот „Магбет“, плашливиот крал Иби, претставник на буржоазијата, е прикажан како некој што бескрупулозно гази сѐ пред себе за да ги достигне своите цели. Преку овој централен карактер, кој е познат по неговиот апсурдно инфантилен однос кон светот и кој поседува алчна потреба по низа задоволства, авторот ни ја презентира својата слика за модерниот човек. Во таа смисла Иби е метафора за тој модерен човек, кој е прикажан како грд, вулгарен, алчен, грандиозен, нечесен, глупав, незрел, зол и кукавица. Истовремено, авторот става акцент и ги издвојува алчноста и моќта за власт како „болести“ во модерниот свет – рече меѓу другото режисерот Васил Христов.
Тој посочи дека по долго време повторно се враќа во институционалниот театар и со огромна чест и задоволство ја изрази благодарноста за соработката со екипата за претставата. Исто така истакна дека станува збор за колажен пристап во изведбата на претставата, кој, освен режисерски, и актерски е многу тешко да се изведе, затоа што една сцена може да биде комедија до степен на карикатура, а следната веќе може да биде чиста трагедија.
– Мојата лична тенденција и во разговорот со актерите на самиот почеток беше да се обидеме да направиме еден чекор понатаму во однос на театарскиот јазик што е вообичаен на овие простори. Сите форми на театарот претежно се видени уште од шеесеттите-седумдесеттите години од минатиот век, сите експерименти се направени. Меѓутоа сето тоа што некогаш било авангарда или експеримент, сега станува мејнстрим во европскиот театар. За жал, кај нас мејнстримот се задржува на театар од раните 50-ти години во светот – посочи Христов.
Актерската екипа на „Кралот Иби“ ја сочинуваат: Игор Ангелов, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ,, Софија Куновска, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска Лаковски, Маја Вељковиќ Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев.
Сценографи се Тодор Даевски и Васил Христов, костимите се на Розе Трајчевска-Ристовска. Дизајнер на светло е Ѕвездан Миљковиќ, тон-мајстор е Димитар Илиоски, а мајстор за светло Дејан Блажевски. Видеоматеријалите и фотографијата се на Душан Кардалевски, а изработката на плакатот е на Денко Матевски.