Петар Андоновски
Требаше да купи волница. Мало, црвено, клопче волна. Уште пред две години кога се доселија во Ираклион на Крит, Елени секој ден бараше да ѝ купи. Не знаеше дали навистина има потреба од неа или тоа беше само уште еден нејзин каприц. Работите ескалираа попладнето за време на ручекот, додека ја редеше масата почна да му вика: ,,Ти си најлошиот сопруг, јас заради тебе дури од Атина се довлечкав да живеам тука, оставив и работа и пријатели, а ти една обична желба не сакаш да ми исполниш“. Елени беше во право, се почувствува виновен. Таа заради него дојде тука, за да ја напише книгата за Казанѕакис, а тој, не само што не ја беше ни почнал, туку по цели денови шеташе низ градот сам, запоставувајќи ја целосно. Сега, додека нервозно се движеше по улицата, се сети дека во близината на Хања Порта има една продавница за копчиња и конци и оти таму сигурно има и волница.
Побрза за да стигне пред да затвори, не обрнувајќи им внимание ниту на луѓето што го поздравуваа. Кога најпосле стигна пред продавницата наиде на разочарување – продавницата беше празна. Една жена излезе од една трафика и му рече дека се преселиле кај пристаништето. Надежта повторно му се врати и со крупни чекори тргна кон пристаништето. Но таму, освен неколку ресторани и кафулиња немаше ниту една продавница за волница. Безволно тргна кон клупите на пристаништето за да го побара рибарот од кого купуваше секое утро свежа риба, можеби тој знае некоја таква продавница. Наместо рибарот, на мермерната тезга седеа еден црн и еден жолт мачор, кои јадеа неколку оставени риби. Од помислата дека повторно ќе се врати без волница дома, уште повеќе се растажи. Елени сигурно нема да му поверува дека продавницата е преселена. Зимското сонце му го грееше лицето, мирисот на сол се чувствуваше во воздухот. Колку убаво попладне, а тој е тажен. Стана од клупата и тргна по улицата од која дојде, ќе отиде и повторно ќе ги помине сите продавници.
Во нозете чувствуваше умор, но беше решен, дури не најде волница дома нема да се врати. Додека луташе помина покрај Венецијанските ѕидови каде што беше гробот на Казанѕакис, и се сети дека веќе две години се обидува да ја напише книгата за него, но никако да успее. Така беше и со волницата. Но овој пат беше решен да оди до крајот, ако треба дома нема да се врати неколку дена ама ќе ја најде таа волница. Во еден миг забележа дека почна да се оддалечува од градот, не знаеше каде точно води патот по кој се движеше, но продолжи да оди. Откако помина низ неколку дрвореди со еукалиптуси, излезе на еден пат што водеше кон една шума од кој се издигаа високи стебла бор. Имаше чувство дека и порано бил тука. Откако ги помина сите тие дрвја излезе на една чистинка на која се издигаа остатоци од некоја палата. Кносос, помисли во себе. Иако се наоѓаше на само неколку километри од Ираклион, Андреас за двете години колку што беше на Крит, постојано ја одложуваше посетата.
Во лето со изговор дека големиот број туристи ќе му пречат во деталното разгледување, а во зима дека скратеното работно време ќе му го намали задоволството. Ниту самиот не веруваше во тоа, но сепак знаеше дека еден ден ќе се случи посетата на која долго ќе се сеќава. Тргна по една тесна патека, но вниманието му го привлекоа едни скали што водеа во подземјето на палатата. Тие скали ги немаше во ниту една мапа на Кносос. Пред скалите стоеше натпис: ,,Строго забранет влез“. Андреас, не обрнувајќи внимание на натписот, тргна надолу. Првин влезе во еден тесен, долг ходник. Имаше место само за еден човек. Ѕидовите беа високи по два метра, воздух речиси и да немаше. На крајот од ходникот имаше друг ходник, каде што завршуваше едниот, па почнуваше другиот. Андреас имаше чувство дека сето време оди по еден ист пат. Кога стигна до последниот, тој беше најкраток, ѕидовите беа ниски, со главата го допираше плафонот. По кратко одење излезе во една просторија што беше последна, освен ходникот од каде што дојде, немаше ниту еден друг излез. Почна внимателно да ја разгледува. Високи камени ѕидови, плафонот не се ни гледаше, тежок и застоен воздух го попречуваше дишењето.
И таман кога помисли дека изодил толку пат за ништо, пред него се исправи – тој, чие име предизвикува страв до смрт. Беше толку многу грд и страшен како што ниту една човечка фантазија не можеше ни да замисли. Кога погледите им се сретнаа, испушти еден толку силен крик што Андреас помисли дека сите тие ѕидови ќе се срушат врз нив. Тој само стоеше и гледаше во него. Кога виде дека тој не реагира, испушти уште посилен крик. Кутрото суштество, сите тие девојки и момчиња што му ги принесуваа како жртви, сите тие умреле од страв од таа грдотија. За тој осаменик, затворен меѓу ѕидови, Андреас чувствуваше жал. Барем лицето да му го допреше сонцето, да можеше да излезе надвор, сигурно не би бил толку страшен и грд.
Минотаурот како да ги почувствува неговите мисли, молкна за миг. Андреас со раката помина по неговото лице, а тој се исплаши од таа нежност, никој порано го немаше допрено. Испушти крик полн со болка и неверување. Андреас се доближи до големото, мускулесто тело на минотаурот и со рака помина и по него. Срцето му чукаше забрзано. Тоа големо и страшно чудовиште трепереше исплашено од нежност. Големите, влакнести раце ги обвитка околу половината на Андреас. На вратот почувствува топол здив. Двете тела притиснати едно до друго во грч ги рушеа сите ѕидови околу нив. И наеднаш, се појави сонце, по телата им се слеваше пот. Се појави и морето со сите риби и школки во него, а тие останаа прилепени не обрнувајќи внимание на ништо околу нив.
Кога двете тела се одделија едно од друго, Андреас го виде под себе минотаурот како лежеше мртов. Првпат тој ден не му беше грижа дали ќе му поверува Елени.