(Ристо Василевски, „Оди во кругот“, „Матица македонска“, Скопје, 2017)
Истакнатиот македонски поет Ристо Василевски последниве години објави неколку поетски книги со кои на своето богато лирско творештво му додаде нови пластови, отвори нови влезови за согледување и за интерпретација на неговите лирски светови. Неодамна во издание на „Матица македонска“ се појави неговата најнова збирка песни со слоевит наслов „Оди во кругот“. Сложена, богата и сугестивна, оваа поезија не можеше да остане незабележана, па се случи книжевна правдина и за оваа книга Василевски стана носител на годинашнава награда на Друштвото на писателите на Македонија за поезија „Ацо Шопов“. Во книгата поетот демонстрира едно ретко својство, имено, неговото пеење се карактеризира со голема кондиција, со енергичен зафат, со висок лирски капацитет.
Тоа е забележливо уште од техничките карактеристики на песните; тоа се оди, долги, развиени, пренаселени, намерни да опфатат најразлични области од животот, да осветлат најразновидни сфери и настани. Тоа се зафати што го интерпретираат светот во крупни заграби, во неговата несогледлив волумен, но истовремено фрлаат светлина и во секторите негови, во секвенците, во детаљот и во раздробената структура. Се добива впечаток како поетот да го прибира, грижливо, пријателски, родителски, длабоко несигурниот и повреден свет, како да му ја нуди заштитата на своите лирски предели, како да го присмирува со ведрина, со грижа и со благост. Тој питом пристап, меѓутоа, не придонесува за прогледување низ прсти за неговите темни зони, за проблематичните периоди и настани, за гревот и за гневот, за судирите и недоразбирањата. Тоа е амбициозен творечки пристап и тој бара простор, инсистира на обем, на лирски маратон.
Оттука и долготрајноста на певот, негова видлива епска црта. Накусо, овие песни на Василевски се зафатиле со амбиција да ја насетат смислата на постоењето „што никој докрај не може да го објасни“. Тоа што не може да се објасни, но што упорно се опседнува од лирската енергија, првин се насетува во неговите глобални, базични манифестации: времето, празнината, материјата, божјата честица, мајката и конечно, се разбира Бог, праизворот на оваа демонстрација на постојното и утоката на сите наши походи, вклучувајќи ги, се разбира, и амбициозните лирски потфати. Оваа лирика потсетува на големата ведрина и смисла на постоењето, го афирмира високиот респект на феноменот на животниот круг, на тој космички интониран циклус што се темели врз материјата, врз родилниот вселенски прав што ја исполнува празнината за да биде можно нешто, да има содржина, да сме, самосвесни за единственоста, за светоста на глаголот сум. Впрочем, еве за илустрација, на кој начин и колку длабоко зафаќа песната на Василевски, колку многу се полни таа со рефлексивен повев, со понирање кон самиот почеток и кон зачетокот на сè.
Треба да се цени зачнувањето на животот
во мајчината утроба,
во секоја коска и голушка,
во грижно подготвените
насади со јајца и семиња;
првиот допир на меморијата на сè што постои,
што го поврзува почетокот и крајот на сè.
Секако дека и самиот тематски одбир сведочи за самочувството на поетот, за неговата склоност кон длабоки, тешки, обврзувачки насоки по кои го изведува својот лирски поход, но тоа секако не е доволно за да го гарантира несомнениот впечаток за високи естетски дострели. Впечатокот на полнота, на заокруженост, на досегнување на целта го дооформуваат наредните циклуси во кои песната на Василевски се упатува, ако така може да се каже, навнатре во манифестираниот живот, во историските коти, каде што се ставени на проверка етичките постапки, отпорот и пркосот на човекот пред историските магли и виулици, опстојбата пред деструктивните пориви на ентропијата. Па, така, читателот ќе ги наслушне размислите, колебањата, уверувањата или возбудите на поетот пред загадочноста и таинственоста на стравот, на убавината, на осаменоста, на сенката и на пушката, на пример. Поетот суптилно ќе се замисли и ќе ги сподели со нас соочувањата на сложените спреги, вмрежености и условености на елементите, на составките со различен исход и природа, па ќе испее заводливи стихови за вкрстувањето на светлината и сенката, во чија близина, во чија прегратка се зачнува феноменот на обликот, на тоа лице што се сени од хаосот, од бесформноста и од сè што уште не се упатило кон сопствената согледливост и самодефинирање. Еве ја таа фреска, тој лирски нацрт за природата на сенката:
Трајна придружничка
на сè што има облик;
престојува на светлината
а се засолнува од Сонцето.
Се раѓа со секој облик,
се раѓа и умира со секое
суштество;
сведок е кој на сè му присуствува
а не може за ништо да сведочи.
Сето ова говори дека е од исклучително значење фактот што поетот Ристо Василевски, по толку многу стихови, песни и книги сега објавува збирка песни што се остварува со наум за највисокото можно позиционирање во однос на тематските определби, но и во зафатот на артикулациските потези од редок ков. Тоа исто така сведочи дека и критиката, во овој случај членовите на жирито за доделување на наградата „Ацо Шопов“, покажале компетенција и слух за поетски резултат достоен за високи книжевни награди.
Санде Стојчевски