Кинотеката на Македонија денеска ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата „Антонио Митрикески – Хроника на еден филмски сон“. Книгата е издание на Кинотеката, а автор е Стојан Синадинов. Книгата е микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти.
– Водена од мотото на оваа глобална манифестација – „Вашиот прозорец кон светот“ – Кинотеката ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, учениците, колегите од сродните институции и Секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани – информираат од Кинотеката.
Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и го презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуелното наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви.
Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки и тн.) од целиот свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии со цел да ја издигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија.
– Аудиовизуелните материјали можат да ја раскажат вашата приказна, вашата вистина и вашето присуство. Тие обезбедуваат прозорец кон светот, овозможувајќи ни да ги набљудуваме настаните на кои не можеме да присуствуваме, да слушаме гласови од минатото, кои повеќе не можат да зборуваат и да изработуваме приказни што информираат и забавуваат. Аудиовизуелната содржина сè повеќе игра витална улога во нашите животи додека се обидуваме да го разбереме светот и да се вклучиме во општеството. Промовирајте правда, еднаквост и мир преку аудиовизуелни снимки. Прославете ги триумфите во вашата заедница и забавувајте нè со вашата приказна. Покажете ни го вашиот прозорец кон светот – се вели во годинешната порака на Тоби Сиј, претседател на CCAAA.