СВЕТОТ Е СЦЕНА
Основачот на „Цитадел“, Кен Грифин, платил повеќе од 100 милиони долари за уметничко дело на Жан-Мишел Баскијат, покојниот црн уметник што се фокусирал на темите на расата и нееднаквоста.
– Поголемиот дел од уметничката колекција на Кен е изложен во музеите и е достапен за јавноста. Негова цел е да го сподели и ова дело исто така – вели Зиа Ахмед, портпаролка на „Цитадел“.
Сликата „Момче и куче во Џонипамп“ (1982) одамна е драгоцена сопственост на магнатот Питер Брант. Вредноста на делата на Баскијат се зголеми уште по неговата смрт во 1988 година. Пред три години, слика на Баскијат се продаде за 110,5 милиони американски долари на „Сотби“, поставувајќи аукциски рекорд за американски уметник.
Веста за продажбата беше објавена од „Баер факст“, билтен за уметничка индустрија, од каде што не ја идентификуваа сликата, ниту пак открија од каде ги добиле информациите. Оваа продажба би претставувала голем настан во некои понормални времиња, но уметничкиот пазар се наоѓа во застој уште од март и приватните трансакции претежно останале под 5 милиони американски долари, според изјавите на уметничките дилери и аукциски директори.
Брант е еден од најголемите колекционери на дела од Баскијат. Минатата година тој постави изложба на дела од уметникот во неговата фондација во Њујорк. „Момче и куче во Џонипамп“ се најде помеѓу 70-те поставени дела.
Грифин, кој вреди 15,3 милијарди американски долари според Индексот за милијардери на Блумберг, е плоден колекционер, кој платил рекордни суми за делата на Џексон Полок и Вилем де Кунинг. Тој е исто така голем донатор на музеите и е член на раководното тело на музејот за американска уметност „Витни“, чие лоби го носи неговото име, како и крилото во Музејот за модерна уметност во Њујорк и салата во Институтот за уметности во Чикаго.
Баскијат им се придружува на делата од женски и црни уметници во збирката на Грифин, во која се вклучени и Ли Краснер, Иса Гензкен, Марк Бредфорд, Неџика Акунули Крозби и Вирџил Аблох.