Сашо Алушевски, фотограф
Не сум од оние фотографи што фотографираат сѐ на што ќе наидат, сум го проживеал тоа, за среќа кратко, можеби и затоа што другите правеле така, и во еден момент се доживеав како фотокопир. Сметам дека авторството не е во репродукција на опкружувањето, туку во интерпретација на нештата, вели Алушевски
Домашната публика месецов имаше можност да погледне извонредни дела на фотографот Сашо Н. Алушевски, нашиот прв фотограф што изработува колодиумски фотографии (фотографии на стаклени плочи), фотографска техника од 19 век. На изложбата насловена „Метаморфози“, која беше отворена на 5 декември во „Кино култура“, Алушевски се претстави со 19 фотографии на платно во голем формат, а под секоја од нив беше приложена и краток текст. На отворањето беше промовирана и мала книга со фотографии и текстови, чиј автор е Алушевски, додека пак наместо со говор, изложбата беше отворена со воодушевувачки и емотивен балетски настап на балерината Ивана Коцевска, инспирацијата за целиот проект.
Сашо Н. Алушевски (1975, Битола) на публиката ѝ е познат како куратор на фотоизложбите на „Македокс“, каде што и претходно изложувал оригинални фотографии на стаклени плочи. Работи како професор по фотографија и креативност на „Сивус академија“, предавал и на Јужниот федерален универзитет, во Ростов на Дон (Руска Федерација). Бил автор, тренер и креатор на програмата „Ние сме визуелни“ за користење документарни филмови во формалното и неформалното образование, како и обучувач на наставници на „Астра филм фестивал“ (Сибиу, Романија). Учествувал на над 80 групни изложби во светот, се претставил на 5 самостојни изложби и е добитник на голем број награди и признанија.
Кажете ни нешто повеќе за целиот процес на подготовка на „Метаморфози“ и улогата на Коцевска како креативец и како главна инспирација?
– Со Ивана не се познававме нешто посебно во тоа време, ми побара фотографија за плакат за нешто што подготвува, а нема баш буџет. Отсекогаш сум сакал да поддржувам независни иницијативи, а искуството ми покажува дека она што го работам без надомест излегува најдобро. Се договоривме лесно. Додека го снимавме видеото, за милисекунда, од едно нејзино движење научив многу повеќе за балетот од сите претходни претстави што сум ги гледал/фотографирал. Нејзината телесна интелигенција и свест за телото се потполно единствени. Ѝ предложив, наместо дигитална, да направиме „старовремска“ фотографија за која не можеме да знаеме како ќе излезе. Се обидов да го пренесам тој микромомент и така настана фотографијата за плакатот за „Метаморфоза“. Потоа некако природно се дојде до идеја да направиме серија фотографии и потоа да го претставиме целото како пакет: перформанс-изложба-книга.
Секое мало и големо движење, секое оцртување на мускулите, секоја доминантна и одвај забележлива сенка во фотографиите од „Метаморфози“ претставува приказна сама за себе. Што сакате да разбере публиката преку вашите дела?
– Уметникот не смее да ги објаснува своите дела, мене ми е некако глупаво да зборувам за моите, а во крајна линија тоа е нефер. Замислете денес некој да се замисли и да се запраша зошто Хомер ја почнува „Илијадата“ баш со „Гневот божице спеј го…“ или кој и да е автор, кој од разбирливи причини не може да одговори на таквите прашања. Кога би коментирал, би се ставил во повластена позиција. Секако дека можам да коментирам како работам, зошто, но не и што сум сакал да пренесам. Замислете да кажам што сум сакал, ќе ги ограничам сите други, сто, илјада или неброени различни, и секако подобри од моето – толкувања, емоции, фантазии. Мојата улога е да ги разбудам тие реакции кај „идеалниот посетител“, а другото само си доаѓа. Едно дело, откако ќе се објави, почнува свој живот, врз кој авторот нема баш ни право ни можност да влијае.
Што најчесто ја буди вашата потреба да го земете фотоапаратот в раце?
– Овој апарат, со кој ја работев изложбата, малку тешко се зема в раце, тежи повеќе од 20 килограми. Краток одговор на вашето прашање е – убавината, меланхолијата, или некоја мешавина од тие две, најчесто искреирани во мене, или препознавање на некој таков мотив, во опкружувањето, а претходно некако доживеан или барем начнат во мене. Не сум од оние фотографи што фотографираат сѐ на што ќе наидат, сум го проживеал тоа, за среќа кратко, можеби и затоа што другите така правеле, и во еден момент се доживеав како фотокопир. Сметам дека авторството не е во репродукција на опкружувањето, туку во интерпретација на нештата. Во принцип сум многу мрзелив и многу си ја почитувам мрзеливоста. За да реализирам некоја идеја, таа треба до толку да созрее во мене, што веќе почнува да ми пречи и не можам а да не ја извадам од себе, а во меѓувреме сето тоа се крчка, се менува, ферментира, созрева.
За овој проект користевте фотографска техника од 19 век, вистинско освежување на домашната сцена. Како се изработуваат колодиумски фотографии?
– Колодиумските фотографии се веројатно тешки за изработка, од перспектива на дигитален фотограф и не верувам дека може да се научи од видеолекции на интернет. И многу скапи. Но не би рекол дека се тешки ако знаете дека резултатот е неспоредливо поубав од која и да е дигитална фотографија. Затоа и спаѓа во благородните фотографски техники. Потребно е да се знае многу повеќе за суштината на фотографијата отколку што е потребно за дигитална или дури и фотографија на филм. Потребно е трпение и од страна на субјектот и од страна на фотографот. Потребно е извесно познавање хемија, затоа што сите хемикалии што се потребни (а ги има над 30) ги мешам сам и сам ја подготвувам фотоосетливата емулзија, која потоа се нанесува на стаклени (или алуминиумски) плочи, кои претходно мора да се добро механички и хемиски истретирани, за да можат да ја примат емулзијата. Откако ќе се почне една фотографија, таа мора да се заврши (да се експонира „слика“ да се развие, и фиксира) најмногу во 10 минути, инаку, сите хемикалии стануваат неактивни и немаме фотка. Колодиумот е толку див и нескротлив, така што никогаш не можете да направите две исти фотографии, ниту да знаете точно каков резултат ќе добиете следно. Мора да се следи неговиот динамичен „табиет“ и тоа сметавме дека е идеално со една нишка на пораката од „Метаморфозите“. Затоа овој проект е работен на колодиум. Не поради куриозитет или нешто слично.
Во кој момент сфативте дека колодиумската техника е она со што сакате да се занимавате?
– Ќе се повикам на мрзата од погоре. Пред 20 години добив идеја да сработам еден проект, кој визуелно сакав да биде доволно мистичен, мрачен, непредвидлив, недоречен и двозначен. Почнав да размислувам како и, нормално, почнав да се обидувам дигитално, брзо сфатив дека тоа не е тоа, почнав со филм и некои експерименти на хартија, но ни тоа не беше тоа. Во некој момент, сето се искристализира. Потоа поминаа десетина години како се обидував да најдам начин како да го научам сето тоа, како да набавам камера (скапи се речиси како автомобили) и од каде… решив сам да си направам. Па цртав и кроев долго време. Направив две, едната со помош на Владо Димоски, а веќе се обидував да набавам хемикалии. Во период од неколку дена се појави оглас на интернет, некој од Скопје продаваше идеална камера за моите потреби, за смешни пари, најдов интернет-продавница за цел комплет хемикалии и човек кај кого ќе можам да научам од прва рака. Тоа е сега мој драг пријател, Предраг Узелац, професор на уметничката академија во Нови Сад. Проектот уште чека реализација. Или созревање. Ова досега го сметав за вежба.
Во книгата стои дека текстовите што одат заедно со фотографиите се тука со единствена цел да го збунат тврдоглавиот читател и ништо повеќе. Што стои зад овие зборови?
– Би рекол дека како и да се заврти, целта е да се збуни тврдоглавиот (другите верувам дека веќе сум ги одвратил) читател/ка. Ако прифатиме дека е исказот едноставно искрен, читателот е збунет. Ако прифатиме дека е исказот неискрен, читателот е повторно збунет, но на друго ниво. Сѐ уште сметам дека вербалните вештини на експресија ми се поразвиени од визуелните, иако можеби не би сакал да биде така. Имав чувство дека на едно ниво, фотографиите треба да бидат „поддржани“ од текст. Впрочем, текстуална, музичка или каква веќе не, поддршка на визуелни, особено фотографски поставки се многу чести во последнава декада во светот. За кај нас, не би рекол. Кај нас сѐ уште е доминантна естетиката од 1970-тите, за жал. Сметав дека е наивно тој текст да следи некоја права нишка или да е некое едноставно отсликување на фотографиите. Со текстовите треба да се затвори, стопли, скоцка еден имагинарен универзум, да им се даде последниот зачин на музиката, танцот и фотографиите.