Фотографот Роберт Јанкулоски, уметник и декан на факултетот за филмски уметности на универзитетот „Еуропа прима“, татко на два сина, во деновиве на пандемија одвреме-навреме поминува и до „Мала станица“ за да провери, како што вели самиот, дали е сѐ во ред со фотографиите од неговата изложба „Сеќавања“, кои чекаат подобри времиња за да бидат видени
Роберт Јанкулоски, фотограф
Вашата изложбата на фотографии со наслов „Сеќавања“ требаше да биде отворена на 11 март за кога беше предвидена и проекција на истоимениот, исто така, ваш документарец во „Мала станица“. Тие поради пандемијата на коронавирусот беа одложени, но ќе сакате ли да ни откриете на кој начин во меѓувреме успевате да се борите со опасноста да не заборавите на творештвото и на творечките нагони во „новава реалност“?
– Изложбата „Прва светска војна – Сеќавања“ е нешто досега невидено. Невидена изложба во буквална смисла на зборот затоа што откако ја поставивме на 10 март, досега никој ја нема видено. Исто така, и филмот за кој имавме закажана премиера на 22 април во Кинотеката на Македонија. Одвреме-навреме поминувам до „Мала станица“ за да проверам дали е сѐ во ред со фотографиите, кои чекаат подобри времиња за да бидат видени. Пандемијата, секако, го измести нашето секојдневие, ги промени нашите секојдневни обврски, но ни даде повеќе време да се навратиме на незавршените проекти, на постарите несредени фотографии.
Од што е составена споменатата изложба и на што се однесува и документарецот, кои, како што беше најавено, го сочинуваат проектот „Сеќавања на Првата светска војна“ финансиран од Амбасадата на Швајцарија?
– Изложбата и филмот се дел од проектот „Прва светска војна – Сеќавања“, кој го работевме минатата година. Правевме истражување на места и настани поврзани со Македонскиот фронт и сакавме да ги прикажеме случувањата за време на Првата светска војна од наш ракурс, затоа што во ниедни официјални документи нема загинати македонски војници или македонски цивили, а фронтот три години се протегал на македонска територија. Исто така направивме истражување во врска со Арчибалд Рајс, значајна фигура од времето на Големата војна чие срце почива во капелата на Кајмакчалан. На изложбата се изложени 102 фотографии на кои се прикажани местата каде што бил фронтот, воени објекти од тој период, спомен-обележја како и стари фотографии изработени од оригинални стаклени плочи меѓу кои и фотографијата од 1928 година на која е Арчибалд Рајс, снимена од страна на браќата Манаки. Оваа фотографија е една од четирите фотографии на Манаки на кои е фотографиран Рајс и првпат се прикажува на изложба. Иако станува збор за документарни фотографии испочитувани се сите естетски критериуми на фотографијата како при снимањето така и при самата поставка, која заедно со Моника Мотеска ја поставивме како фотоинсталација. Филмот е посебна целина, кој содржински следи дел од изложбата, но со друг јазик раскажува дел од „Големата“ приказна. Изложбата е придружена со обемен каталог во кој се застапени голем број фотографии, како и текстови на македонски и на англиски јазик.
Годинава „Македонскиот центар за фотографија“, чиј основач сте, навршува 20 години постоење. Кои беа плановите за неговото одбележување, а што од сегашна гледна точка мислите дека ќе успеете да реализирате?
– Имавме големи амбиции и големи планови за одбележување на овој, за нас, голем јубилеј и да покажеме дел од нашата богата колекција на стари фотографии преку различни медиуми. Но дел поради недоволните средства што ги обезбедивме, а дел и поради самата состојба во која сите се наоѓаме ги редуциравме активностите. Подготвуваме документарно-анимиран филм преку кој ќе прикажеме неколку автори од кои имаме оригинални материјали и работилница за црно-бела фотографија на која ќе изработуваме фотографии од стари негативи и стаклени плочи, за да ги афирмираме старата македонска фотографија и старите фотографски процеси, кои иако не се користат во денешно време не треба да се заборават. Подготвуваме и пообемна интернет-презентација на нашата колекција како и онлајн изложба.
Познато е дека со години соработувате во реализација на различни меѓународни проекти со уметници од странство. Прекина ли пандемијата некој таков проект и како се справувате со тоа?
– Во тек е еден таков европски проект во кој Македонскиот центар за фотографија е вклучен како партнер со институции од Италија, Словенија, Австрија… и секако, имаме промени пред сѐ во начинот на комуникација. Двете средби што требаше да ги имаме во Скопје и во Виена ги одржавме преку интернет, за сите активности се договараме виртуелно. Но од друга страна, можеби тоа е дел од самиот проект затоа што главниот производ е видеоигра во која се застапени случувања од Првата светска војна. Без да сакаме да влегуваме реално во виртуелниот свет на видеоигрите.
Како изминуваат кризниве денови така и меѓусебната онлајн комуникација и таквиот начин на работа стануваат сѐ поприсутни во нашите животи. Како гледате на овој процес како уметник, декан на факултетот за филмски уметности на универзитетот „Еуропа прима“, но и како татко на два сина?
– Како уметници и пред оваа состојба т.н. карантин, живеевме во полузатворен свет. За тоа говори и визуелната анегдота на социјалните мрежи. Две фотографии што прикажуваат уметник пред карантин и уметник за време на карантин. Всушност тоа е една иста фотографија, уметник сам во своето студио. Но мислам дека сериозно ни недостигаат дружењето и директната комуникација преку која ги полневме батериите со енергија, пред да се затвориме во тишината на ателјето. Искрено, не сум многу инспириран, можеби ќе направам некое дело како последица од изолацијава, но не сакам да ја илустрирам оваа ситуација. Со студентите сум речиси во секојдневна комуникација, разменуваме идеи, фотографии. Нашиот медиум ни овозможува работа на далечина иако добиваме полупроизводи, дигитални слики, а не фотографии. Секако, една од темите што им ја зададов да ја работат е карантин.
И, добив најразлични резултати. Од студиски фотографии до сурови документарни, прекрасни записи. Дома сите строго се придржуваме до препораките на стручните лица, иако некои велат дека не се во право. Јас секогаш сакам да им верувам на оние што се најстручни и со најголемо знаење од одредена област. Знам како е кога неуки се мешаат во уметноста и затоа верувам во професионалците и се надевам дека од оваа состојба ќе излеземе што побрзо. Не сакам да го завршам разговоров со песимистичката реченица: „Светот во иднина нема да биде ист“. Секако нема да биде ист, но не поради пандемијата. Длабоко се надевам дека сѐ ќе се врати во нормала, ако постои нормала, и на нашите поколенија низ смеа ќе им раскажуваме за она како сме живееле во карантин.