Изложбата „Трилогија ликови – луѓе“ на Филип Фидановски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во галерискиот простор на „Арт хуб“ во ГТЦ. Делата што Фидановски ни ги прикажува на оваа изложба, особено бистите од третиот циклус „Дијалози во боја“, на некој начин се автобиографски. Автобиографијата има привилегиран статус во хиерархијата на дискурсите што потекнуваат од западноевропскиот свет, а идејата дека уметничкото дело е начинот на кој се исповедаат личните „вистини“ ја зазема централната позиција во модерната уметничка теорија.
– Но мајсторството на формата не е основната цел на Фидановски. Напротив, адаптирањето на неа за да може да се искаже нејзиното внатрешно значење е неговата идеја водилка. Оттаму, основните квалитети на фотографијата како апсолутен показател на реалноста и сета нејзина моќ на верно репродуцирање, особено кога станува збор за портретот, овде го губат својот примат. Аплицирањето на нечие туѓо лице врз својата биста има исповедувачки модалитет во кој уметникот на делото му дава автобиографска димензија, а која гледачот мора сам да ја протолкува – пишува Кирил Пенушлиски, историчар на уметност.
Фидановски е професор во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ и актуелен претседател на ДЛУМ. Магистрира на Националната уметничка академија во Софија. Од 1995-та до денес учествува на многу групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, Италија… Учествува и на голем број уметнички симпозиуми и колонии во Македонија и во странство.