Денеска во 12.30 часот, во галеријата на ЦК „Марко Цепенков“, во Прилеп ќе биде отворена изложба на графики од уметницата Симона Јакимовска, која ќе се претстави со 25 дела.
– Претставувањето на еден млад уметник, кој допрва ги вградува своите постигнувања во комплексот наречен македонската уметничка сцена, е задача што се реализира со задоволство, пред сè, поради фактот утврден во изминатите години, а тоа е потребата од внесување на еден нов дух, пристап и енергија во креирањето на графичко-цртачкото творештво, со што би се доближиле до актуелните случувања во регионот од оваа област – вели Роберт Цветковски, историчар на уметност.
Изложбата содржи графики и цртежи работени во периодот од последните неколку години и ја отсликуваат моменталната тематско-техничка окупираност на Симона Јакимовска. Интересна е и темата „Поврзување“, која на многу едноставен и директен начин асоцира на денешните модерни технологии преку кои светот денеска е поврзан и е одличен пример за моќта на графичкото изразување, кое истовремено може да биде апстрактно, деконструирано и редуцирано до максимални можни граници, но и многу разбирливо.
Симона Јакимовска завршила ФЛУ во Скопје, оддел графика. Досега реализирала неколку самостојни, а била дел од повеќе групни изложби и колонии.