Вечерва во 20.30 часот во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во Галеријата на НЛБ Тутунска банка ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Владимир Темков од Кавадарци. На изложбата, која носи наслов „Потрага по смислата на ликовното во сочувањето со убавината на природата“, ќе бидат изложени околу 60 ликовни најнови дела на авторот, кои досега не се изложувани.
Уметноста на Владимир Темков ликовните критичари ја именуваат како апстрактен експресионизам, кој подразбира слобода на авторот во согласност со својот уметнички сензибилитет и ликовна дарба. Во сликарството на Темков, Ефтим Клетникот издвојува два важни комплементарни мота: грозјето (затоа што Кавадарци е еден значаен лозарски и вински регион) и птиците. И двата мотива тој ги слика во метафизичка перспектива како директен производ на сонот.
Темков е исклучително плоден автор, кој на своите платна умешно ги врамува глетките од питомиот кавадаречки пејзаж, житните класја, копите сено, волшебниот свет на птиците и зрелите есенски плодови. Зад себе има реализирано шеесетина самостојни изложби, учествувал во повеќе од 40 групни изложби, учесник е и организатор на многу ликовни колонии во Македонија и во регионот. Ми. М.