Вечерва во 19 часот во Музејот на Македонија ќе се отвори изложбата „За животните и луѓето“ од Етнографскиот музеј во Загреб. Изложбата ќе биде отворена до 7 септември.
Оваа исклучителна изложба на Етнографскиот музеј од Загреб научно и стручно ја тематизира интеракцијата на животинскиот свет со човекот во културолошка и во општествена смисла. Авторскиот тим на изложбата преку изложените музејски експонати, текстови, фотографии и документарни филмови, ни ја претставува слоевитоста на меѓусебните односи помеѓу луѓето и животните и ги следи промените на овие односи со текот на времето и на глобално и на локално ниво во руралните и урбаните средини. На еден иновативен начин се прикажани промените во опкружувањето на човекот и соживотот со другите суштества, промовирајќи ги клучните вредности како што се толеранцијата, емпатијата, правата на другите и хуманиот карактер на просторот во кој човекот мора да опстојува во рамнотежа со другите суштества во еколошки сочуваниот простор за на тој начин да може да ја обезбеди и својата иднина.
Изложбата „За животните и луѓето“, освен стручната јавност и луѓето професионално ангажирани околу животните, ќе биде исклучително интересна и за пошироката публика и ќе им го задоволи љубопитството на децата и на возрасните, ќе понуди информации за љубителите на животните и борците за заштита на правата на животните и ќе нѐ поттикне да ја сфатиме важноста на заемната зависност помеѓу луѓето и животните.