Деновиве во издание на „Ми-ан“ се објави стихозбирката „Град“ на реномираниот македонски поет, критичар, филозоф и естетичар Иван Џепароски.
Пет години по објавувањето на неговата поетска книга „Светлината на Света Гора“ (2015), за која ја доби нашата највисока поетска награда „Браќа Миладиновци“, Џепароски го менува топосот на своите поетски интереси посветувајќи му ја книгата „Град“ на градот во кој го минал целиот свој живот – на градот Скопје.
На епистемолошки план книгата ја следи траекторијата од времето на римско Скупи, преку скопскиот земјотрес од 1963 година, што авторот како петгодишно дете и самиот го доживеал, па сè до денешни дни, додека на формален план таа содржи елементи и на епската поезија – епската широчина, одмерениот ритам, повторувањето, но и на лирската поезија – интимната, социјалната и интелектуалната лирика.
Во обемниот поговор кон оваа, книга академик Георги Старделов на следниов начин ги истакнува белезите и доблестите на ова дело: „Кога во една научна или уметничка област ќе се појави нешто подруго и поинакво, нешто што досега е невидено во неа, тогаш сето внимание на нејзините истражувачи е свртено и сосредоточено токму на него. Тоа нешто, во нашиов случај е седмата по ред поетска книга на Иван Џепароски, ’Град‘…“
Иван Џепароски е естетичар, теоретичар на културата, поет и критичар. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на триесет книги, и тоа: на седум поетски книги, на четиринаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на три поетски антологии и на шест теориско-есеистички избори.