Тркалезна маса на
„Про-за Балкан“
„Што е вистината?“ е најважната тема за која луѓето би можеле да разговараат, се согласија учесниците на тркалезната маса на темата „Литературата во време на поствистината“, која се одржа во рамките на 9. издание на фестивалот „Про-за Балкан“.
– Кога зборуваме за епоха на поствистина, сакам да запрашам дали имало епоха на пред вистина, или во која епоха имало приоритет на вистината. Нема да најдете такви во историјата на човештвото. Постојано правиме бриколаж на нашето знаење, често и без факти. Утре тие факти што ги велиме денес, ќе ги оспоруваме. Тогаш што е вистината ако не е нешто што никогаш не можеме да го допреме – рече лауреатот Мирча Картареску.
Тркалезната маса ја отвори основачот на фестивалот, Дејан Трајкоски, а гостите ги поздрави заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Џулијан Васало, кој рече дека темата е истовремено е литературна и политичка, особено во ова време кога сме изложени на огромен број информации, но и дезинформации.
– За мене е привилегија што сум во друштво на писатели чија слава излегува и надвор од регионот. Овој фестивал ја слави литературата, има обединувачка и трансформативна сила. Преку книгите учиме, се препуштаме на фантазијата, учиме за другите и за себеси. Исто така повторно ги проценуваме нашите уверувања и свесни сме дека нашите желби се повеќе универзални. Тука е и културолошката размена, што е суштината на европската идеја, разноликоста во културата, јазиците, размислувањата се нашата најголема вредност – рече Васало.
За врската меѓу вистината и кажувањето фини приказни наспроти непријатни приказни, хрватскиот писател, сценарист и колумнист Анте Томиќ даде пример со актуелните настани на поделеноста на ваксери и антиваксери.
– Дали луѓето сакаат да веруваат во пријатна лага, не сум сигурен. Некогаш луѓето сакаат да веруваат во непријатни лаги. Не знам дали го имам вистинскиот одговор, но ми се чини дека луѓето сакаат да веруваат во намерна лага. Имате една теорија на заговор што е слична на религија. Верувате дека некоја невидлива сила направила вирус и некој тоа го менаџира и ги надгледува нашите животи. Во религијата тоа е Господ, а овде го имате Бил Гејтс, кој во теоријата на заговорот е супермоќно битие што нè надгледува. Мислам дека е атрактивно да се верува во такви теории на заговор, затоа што му дава смисла на хаосот и некаков ред – рече Томиќ.
Писателот и колумнист Миљенко Јерговиќ рече дека е малку сензитивен на ова време на поствистина.
– Ни се случува инфантилна неволја на денешното општество. Присилени сме да дебатираме за нешто за кое е бесмислено да се дебатира. За тоа дали постоела гравитација или не. А тие дебати во ова време на поствистина се токму такви, дебатираме за тоа дали каменот е тврд. Затоа таа поствистина е вознемирувачка, особено во литературата. Како да сме во лудница. А лудилото не е како на филм, ами е многу досадно. Еднакво досадно како најдосадните хорори на сталинизмот – подвлече Јерговиќ.
Романската авторка на поезија и проза, како и книги за деца, Јоана Николае, рече дека литературата е токму местото во кое таа ја симнува својата маска, каде што е најслободна и каде што живее и токму и затоа пишува за деца.
– Идеологијата е најлошото нешто за литературата. Во литературата нема место за идеологија – дополни таа.