Во првите страници на романот „Зора зад аголот“, нараторот разговорливо ни ги доловува ликовите на своите родители, таткото, меанџијата Коле Колиштрк, и мајка му Паца, „со моминско презиме што никој жив не го памети“, амбиентот на кафеаната од калдрмата до скалите, паркетот и оџакот над скарата, ни го кажува историјатот на натписот на фирмата, детално ни го опишува и балконот со ограда од железни прачки, неговото извидничко место, од каде што го набљудува доаѓањето на гостите во кафеаната. Ги открива нивните прекари (а сите ги имаат) и професии, нивните мераци и фалинки, се провира низ нивните откриени судбини и затскриени маки. Нараторот умее точно да ги извлече најособените и најинтересни детали од животите на галеријата ликови, Нестор Клисарски, Славе Вардарец, Боро Мустак, Доктор Муквос, Трајче Тропалче, Митко Самба и уште десетина други што дефилираат пред читателите на „Зора зад аголот“. Поседува голема способност да ги пренесе и поврзе карактерите и случките, јазикот му е сочен и богат, очигледно е дека тој, и покрај својата младост, е веќе созреан раскажувач.
Иако го затскрива своето (необично) име сѐ до последните страници, кога дознаваме дека овој ѕиркач мајтапчија од балконот на кафеаната се вика Цабланко Колиштркоски. „Дрдорко празен“, си се потсмева тој, но едновремено е свесен, во финалето на романот, дека неговото запишано сведоштво ќе го надживее дури и физичкото исчезнување на кафеаната: „Ќе истурам по подот катран петиците да се залепат за него, ќе наредам по прозорците туршија окото да ти остане во стаклото, ќе расчурам на скарата ќебапчиња прстите да ги затуриш меѓу нив. Па, ќе седнам на балконот, меѓу ламарината на фирмата и бурето со леандерот, за да го спровнам својот стар мукавен перископ низ отворот за борија на локалот. Кога не те бива за друго, нема ништо поубаво од убивање на времето; макар и со ѕиркање во туѓи животи, додека не си го имаш својот“.
Овој роман-хроника во 31 глава (31 ден во месецот?), всушност низа од надоврзани портрети на чудникавите „домашни“ гости на кафеаната „Зора“, може да се доживее како убедлив показ како раскажувачката умешност на авторот ги преточува случките, ликовите и анегдотите од животот во впечатливо и шармантно четиво. Солев несомнено го поседува тој чеховски квалитет, осет преку секвенци и детали да ја долови атмосферата на опишаното со своето извежбано проникливо око (не е чудно што извесно време студирал на белградската Висока филмска школа, а е и сценарист на неколку играни филма).
Но случајот со Солев е многу покомплексен. Quo vadis scriptor? (Каде одиш, писателу?), прашува Солев во својата книга есеи од 1970-та и со полемичарски усет, поткрепен со големо лектирно искуство и знаење, ги истражува можностите на новата проза и нејзината литерарна ефикасност. Во познатиот судир меѓу модернистите и реалистите во македонската современа литература, Солев е несомнениот подвижник на авангардните ставови и промени во третманот на книжевното дело.
Значи, не станува збор само за спонтан, „народен“ раскажувач со нерв, туку за образован прозен мајстор со изградена авторска стратегија. Во таа смисла, делото „Зора зад аголот“ ме потсетува на збирката раскази на уште еден голем современ писател. На „Новите римски приказни“ на Алберто Моравија. Маалскиот локален дух може книжевно да го пренесат (а да не биде репортажа) само мајсторите на перото, кои го вдомиле стилот во своето пишување како пожелен спој на дарбата и вештината.
Сега, кога го препрочитував романот, ми надојдоа неколку мемориски снимки од средбите со Солев. Како со неколку гимназиски другари од литерарната секција ги преснимувавме на касетофон неговите радиодрамулети.
Или кога првпат ја читав „Зора зад аголот“ и кафеаната веднаш ме асоцираше на познатата дебармаалска „Идадија“, со муабетите и скарата на дрвените маси со шарени прекривки, чадот од цигарите и зарипнатите гласови. Во сличен амбиент, ама кај Јоле, се среќаваше групата на Независните и оттаму, меѓу доајените на македонската литература Петре М. Андреевски и Коле Чашуле, ги паметам добронамерниот израз на лицето и олабавеноста на телото на Солев и неговите духовити коментари. Или кога многу подоцна ја почнав својата авантура со анимираниот филм, мојот прв сценаристички ангажман беше токму со антологискиот расказ на Солев „Кружно патување на сенката“. Кога пак во октомври 2018-та, во преполнетиот хол на Националната и универзитетска библиотека, се одржа собир во чест на писателот, имав чест да беседам за него.
Раскажувачот Солев треба да се чита. Наспроти книжевните моди, наспроти новите автори, прозата на Солев мајсторски ги вовлекува читателите во приказната и ден-денес. Книжевната меморија ги прегрнува големите претходници со внимание и љубов. Несомнено, меѓу нив почесно место има делото на писателот Димитар Солев.