„Кралицата Омотега“, Ханс-Вернер Грипентрог, Германија

Рецензија

Биеналето за уметничка фотографија „Фотомедиа“ има повеќегодишна традиција, организирана и поддржана од фотоклубот „Елема“, Интернационалната федерација за фотографска уметност и Фотосојузот на Македонија, како изложба што нуди видливост на локалните и интернационалните практики и можеби како една доследност што фотографијата особено ја заслужува. Не може а да не се забележи дека и покрај револуционерното пророштво на фотографијата, таа подолго од едно столетие се обидува да го утврди своето место помеѓу другите уметнички практики, кои низ сето ова време значително се менуваат поради техничкиот прогрес, но и поради смислата на нивното опстојување. Е, токму таа смисловност лежи во фотографскиот живот, неговата недотраеност и внатрешна естетска борба, соперништвото со смртта и крајот на неговиот почеток – мимезисот.
Кога зборуваме за фотографскиот дискурс како поле на размена на одредени информации (културолошки, антрополошки, историски), несомнено зборуваме за поим на граници. Оттука, една од функциите на фотографијата како вид јазик или изразно средство е производството на можни значења… Изложеното е показател за различни поставености, како на уметниците така и на расположливоста со медиумот, содржински движејќи се од социјално изолирани контексти и интимно интристички соопштенија, до суштинска тензичност на различни историски контексти и, можеби најважното, општествени динамики.

Гледајќи ја фотографијата на Антон Тратник, „Тивки сведоци 2“, може да се полемизира за неколку суштински нешта, рецепцијата на гледачот, која длабоко се потпира врз потребата од силна наративна сугестија, исполнетост со иконографски и симболични елементи, базирани на длабока мемориска наслоеност, како и потребата да се запре и зароби историското избледување, кое вака прикажано го истакнува уметничкиот сензибилитет. Од друга страна, фотографијата „Хроники Минера Боливија 1“ на А. Ликари од Франција меморира една непроменлива состојба на трудот, наратив што не познава просторни и временски специфики, а сепак укажува дека постои една недореченост во приказната, суштински важна за секое авторско позиционирање.
Од самостојната селекција, првонаградената фотографија „Во неговата канцеларија“ на Е. Епштајн од Израел, лајф-колор, дополнително уредена со сатурација на црвените тонови, ја прикажува реалноста на катарзичното секојдневие, опфатено и доловено низ една темна гама, која потсетува на историскиот реализам. Изборот на вакво згуснато визуелно кодирање дозволува идентификување на гледачот со алеаторната перцепција на фотографот. Структуралната дефинираност е приказ на полуседечка, полулежечка фигура во мирување, во прв план, како бележење на една блага лево позиционирана дијагонала и вертикална фигура во движење, која се појавува како контрапост и изместена оска во втор план, и бесконечниот хоризонт во горната четвртина на сликата, кој сугерира длабинска перспектива и опфат далеку од фокусот на фотографскиот објектив. Ова не е мртов приказ на едно дејство и покрај конечноста и задршката на времето, просторот и движењето опфатени низ медиумската конечност на фотографијата, туку нов живот на сурова вистина, продолжение на афективното дејство на моментот.

„Во неговата канцеларија“, Естер Епштајн, Израел

Второнаградената фотографија „Избледување“ на Сандра Позун од Словенија покажува различен пристап од другите слики на кои се прикажани актови и женски фигури, потсетувајќи на еден вајарски реализам доловен преку пластичноста и анатомската згрченост на телото. Ваквиот приказ на полузавиена стоечка фигура ги дефинира основните принципи, повеќе на сликарството отколку на фотографијата, изворот на светлина, сенките, контурите и градацијата на тоновите, со што се нагласува фотографскиот потенцијал за замрзнување на една динамична енергија и меморирање на дејството. Заднината на оваа слика е комплементарна со иницијалната идеја, колористички го дополнува, но и нагласува отсекувањето во преден план на контурниот облик, едновремено потенцирајќи ја воедначеноста на мазната површина наспроти волуменозната перформативност на голото тело.

Фотографиите што имавме можност да ги погледнеме на оваа изложба, и покрај слободната тема, покажуваат референцијално групирање. Покрај генералниот опфат на пејзажните и панорамски предели, прикази на актови и други лајф-мотиви, амбиентални и архитектонски силуети, можеме да видиме една сериозна заинтересираност за трудот, за работниците и нивното секојдневие, за будењето на некои од сликарските техники.

Натали Р. Павлеска