ГОДИНА НА ХИПХОПОТ (3)

Основата на хипхопот ја сочинуваат четири елементи, без кои како култура тој не може да функционира: ем-си или оној што рапува, односно господар на церемонијата; ди-џеј или оној што пушта музика на плочи, а денес на друга електронска опрема, брејкденс, односно танцувачи – бибојс и графити, односно улична или ѕидна уметност. Подоцна, со растот на оваа култура, бројот на елементите се зголемува на девет: интелектуално т.е. филозофско знаење, битбокс т.е. изведување музика со уста, улична претприемчивост, хипхоп-јазик и хипхоп-мода.

Најкарактеристичниот белег на хипхоп-културата е рапувањето, кое претставува „изговорени или извикувани римски стихови со силна ритмичка придружба“. Во целата поетика на хипхопот од особена важност е употребата на семантичките стилски изразни средства, како што се метафорите, епитетите и симболите. Тие се важен сегмент од мелодиката, разбирањето и прифаќањето на хипхопот.

Ќе наведеме неколку примери на текстови што се широко прифатени како класика на хипхоп-лириките. Тие во себе содржат поттикнувања, улични мудрости и метафори, прифатливи и за широките народни маси и за академската средина. Стиховите на Тупак Шакур дишат со поттик за младиот човек изгубен во класните борби (разлики) или во транзициските процеси: „Мајка ми секогаш ми велеше: ако не можеш да најдеш нешто за што би живеел, подобро да најдеш нешто за што би умрел“. Од друга страна, Дрејк го соопштува човечкото, дека: „Секогаш ги игнорираме оние што ни се восхитуваат, а им се восхитуваме на оние што нѐ игнорираат“.

Особено се интересни лириките на слободниот стил на хипхопот т.н. слободен стил т.е. фристајл, односно импровизација при рапувањето. Тој е базиран на техниките на дишење и на брзото размислување при пронаоѓањето рими. Штом се почне со рецитирање, потребно е што побрзо да се бара рима (збор) за следниот стих. На пример, додека го рецитирате стихот „јас сум земја, оган и вода“, мора што побрзо да најдете термин што може да го римувате со вода: ода, мода, глода, сода и сл. Во тој случај, доколку имате повеќе можности, употребувате една од нив: „јас сум земја, оган и вода / мојата песна е иста како ода“; „јас сум земја, оган и вода / мојата облека е последна мода“; „јас сум земја, оган и вода / најмногу сакам да пијам сокче сода“ итн. Сепак, потребно е да се нагласи дека за добар фристајл (впрочем, како и за сите работи), треба секојдневно вежбање.

Славчо Ковилоски