Ексклузивни изданија на делата на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска, излегоа од печат во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“. Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ се 10 книги со прозни и поетски дела на великанот на македонската книжевност, со цртежи, кои за оваа пригода специјално ги изработи неговата внука, која е школувана на Факултетот за ликовни уметности.
Деновиве во продажба се најдоа првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.
– Реобјавувањето на делата на Петре М. Андреевски секогаш (ќе) претставува празник за македонската книжевност. Овој безвременски писател од третата генерација македонски зборотворци, се чини, го создаде рецептот за укинување на временските отсечки според кои книжевните појави ги квалификуваме како актуелни и анахрони – истакнуваат од издавачката куќа „Арс ламина“.
Главната причина што го прави посебно ова повторно враќање на Петре М. Андреевски и што им удира печат на ексклузивноста на овие нови изданија е визуелното „читање“ на неговите творби од страна на неговата внука Воскресија Андреевска. Нејзиниот образован уметнички потег има двојна цел: емотивно и естетско возбудување на поетските и прозните атоми од кои е изградена поетиката на Петре М. Андреевски кај неговата најнова генерација почитувачи и следбеници, што ова реобјавување има намера да го поттикне.