Во таа своја книга, „Последниот маж“ (за свет во кој не се раѓаат машки деца), објавена минатата година, напишав дека светот неповратно ќе се промени во текот на 2020 година и изгледа бев во право. Шегата настрана, но ми се чини дека во цела низа книги и филмови, објавени и прикажани во претходните неколку години, постои тоа чувство дека светот оди кон некоја катастрофа, оттука ми се чини дека дистопијата стана речиси помодарски жанр
Мухарем Баздуљ, српски и босански писател
Мухарем Баздуљ (Травник, 1977) е писател, новинар и преведувач. Досега има објавено петнаесетина книги, меѓу кои неколку романи, збирки раскази и есеи. Книгите му се преведени на англиски, германски, полски и на македонски јазик, а некои негови раскази се преведени на уште десетина јазици. Помеѓу другите, добитник е на наградите „Станислав Сташа Маринковиќ“ и „Богдан Тирнаниќ“. Меѓу книгите што ги превел од англиски јазик влегуваат дела од Пол Остер, Марк Томпсон, Ален Гинзберг, Џек Керуак и Џони Кеш. Живее во Белград.
Деновиве Баздуљ ќе биде гостин на фестивалот „Про-за Балкан“, каде што ќе ја промовира својата книга „Ѓаурот и Зулејха“, во македонско издание на „Готен“, а во превод на Владимир Јанковски.
Натежнат од „светската болка“, Лорд Бајрон, еден од најголемите романтичарски поети, на почетокот на 19 век тргнува на патување низ таинствениот и див Балкански Полуостров во потрага по одговорите што му недостигаат, кои го мачат, поради кои ноќе не спие добро. Двете недели од неговата одисеја низ Грција и Албанија, кои го сочинуваат овој роман, се медитативни и возбудливи, катарзични како за главниот лик така и за читателот… Мухарем Баздуљ ја надминува временската дистанца од два века со специфична раскажувачка постапка, толку заводлива што приказната и зборовите создаваат единствен амалгам за романтичарската љубов и привлечноста на недостижната убавина.
Вашата книга „Ѓаурот и Зулејха“ ќе биде промовирана токму на „Про-За Балкан“ годинава. Колку е важно и во ова време-невреме книжевноста да одржува врска со својата публика и преку фестивали како што е овој?
– Ми се чини дека е многу важно. Пандемијата ни управува со животите веќе, еве, седум месеци, но се покажува дека мора да научиме да живееме со неа. Кјеркегор всушност одамна рекол дека некогаш е невозможно да се оздрави, па треба да научиш да живееш со болеста. Немаме никаква гаранција дека ковид-19 ќе се искорени. Малку е наивна идејата дека вакцина сигурно ќе биде пронајдена само затоа што во тоа се вложуваат многу пари. Па и вакцината за сида се бара веќе 35 или повеќе години и не е пронајдена. Треба, значи, да се чуваме, но и да продолжиме да живееме. Како што еднаш рекол пејачот Халид Бешлиќ кога го прашале што би им порачал на луѓето за Нова година: „Живејте весело, но претпазливо.“
Во едно интервју за вашиот роман „Последниот маж“, во контекст на неговата тема – свет во кој не се раѓаат машки деца, рековте дека денес во светот апсолутно сѐ води кон дистопија… Што поточно сакавте да кажете?
– А видете, јас во таа своја книга, објавена во октомври минатата година, напишав дека светот неповратно ќе се промени во текот на 2020 година и изгледа бев во право. Шегата настрана, но ми се чини дека во цела низа книги и филмови, објавени и прикажани во претходните неколку години, постои тоа чувство дека светот оди кон некоја катастрофа, оттука ми се чини дека дистопијата стана речиси помодарски жанр. Всушност, тоа го покажува и реактуализацијата на „Приказната на слугинката“ на Маргарет Етвуд преку ТВ-серијата, односно продолжението на овој роман, кој оваа писателка го напишала по неколку децении баш во ова наше време.
Верувате ли дека светот можеби би бил подобро место кога воопшто не би ги имало мажите, или барем во некоја пореална варијанта, кога жените би го воделе светот?
– Јас малку си играв со таа можност, не дека навистина размислувам за таков свет, но, ете, како пример, кога веќе зборуваме за време на оваа пандемија се покажа дека Германија и Нов Зеланд, земји на чие чело се жени, целата оваа турбулентна состојба ја поднесуваат многу подобро од просекот. Тоа, сепак, донекаде е индикативно.
Сакате да пишувате од женска перспектива. Зошто и како успевате во тоа?
– Од една страна тоа е предизвик. Од друга страна, пишувањето во прво лице секогаш носи ризик, дури и кај искусни читатели, од тоа нараторот на прозата да го изедначат со граѓанската личност на авторот. Во таа смисла за писателот маж, благодарно е да пишува од женска перспектива. Тоа не е ништо ново, го правеле тоа и Толстој и Флобер, а последниот дури и го кажал она славно „Мадам Бовари, тоа сум јас“.
Издржана ли е синтагмата „женско писмо“? Или книжевноста нема род?
– Мислам дека книжевноста нема род, иако ги разбирам колешките писателки што во книжевниот живот чувствуваат некој вид дискриминација. Всушност, не само кај нас, туку речиси секаде во светот, во повеќето професии мажите и жените (сѐ уште, и покрај сѐ) не се изедначени. Постојат социолози што тврдат дека жените стануваат доминантни само во оние професии што го губат престижот, така некој циник би рекол дека рецентниот подем на жените на книжевната сцена е само нуспојава на губењето на престижот на книжевноста. Не мислам дека е така. За мене лично некои од најдрагите книги воопшто ги напишале жени.
Што е најголемата убавина на книжевноста, без разлика дали сте писател или читател?
– Убавината на книжевноста е во можноста да излезете од самиот себе, така да кажам, без оглед дали читате или пишувате. „Заробеноста“ во сопственото битие е она што луѓето често ги спречува да ги разберат другите. Книжевноста е одлична школа на емпатија, но од лична перспектива тоа дури и не е клучно. Клучно е она чувство на магија што го обзема читателот кога чита книга или писателот кога неговата приказна го води.
Каков е статусот на книжевноста и воопшто на културата во Босна и во регионот?
– Кога велите „регион“, претпоставувам дека мислите на просторот на некогашна Југославија. Ми се чини дека во Словенија и во Хрватска, државата, односно Министерството за култура, најмногу се ангажираат за институционална помош на писателите и на луѓето од книжевното поле. Србија, пак, е единствена во која постои каков-таков книжевен пазар. Босна и во културна смисла е поделена како и во политичка, доволно е да погледнете кои книги се најчитани, да речеме, во Сараево и во Зеница од една, односно во Бања Лука и Бијелина од друга, или во Ливно и Широк Брег од трета страна, за работата да биде јасна.
Како новинар, што мислите за состојбата со медиумите денес во регионот, но и генерално во светот?
– Ужасно лоша е ситуацијата. Јас сум во новинарството практично 25 години и без никакво претерување ми се чини дека никогаш не била полоша. Се случи она што во метеорологијата се нарекува совршена бура: спој на неколку фактори што се лоши и сами по себе, а заедно создаваат злокобна синергија. Од една страна, преминот на печатот од хартија на екран, покрај чувството на луѓето дека сѐ на интернет би требало да биде бесплатно, од друга страна, политичкиот спој на популизмот и авторитарноста, од трета страна, идејата дека сѐ се сведува на површна популарност, односно дека вредноста се мери со бројот на „кликови“. Ми се чини дека тркалото мора да се сврти на другата страна. Публиката, мислам, чувствува дека ѝ недостигаат сериозни медиуми.
Бевте на книжевна резиденција во Скопје пред некоја година. Со какви впечатоци си заминавте тогаш?
– Ми беше многу убаво. Без никаква куртоазија, Македонија е земја на многу љубезни и гостопримливи луѓе, а Скопје е чудесен град, со некој подискретен, а посреќен спој на култури и религии отколку што е случај со некои градови што по тоа глобално се попознати.
Имате пишувано и за македонските општествено-политички околности. Некои од тие текстови, како оној за одбраната на името, би му годеле на секој Македонец. Од каде толку добро ги познавате овдешните состојби?
– Генерално кон просторите на некогашна Југославија, па и пошироко на Балканот и околината, вклучувајќи ги и Грција, Бугарија и Австрија, на пример, чувствувам некаков татковински сентимент. А во сето тоа Македонија има и посебно место, делумно и поради некои семејни околности. Секогаш се плашам кај ваквите прашања од оној патронизирачки став, знаете она како кога некој музичар оди на турнеја, па во секој град вели: „Вие сте најдобрата публика“, но навистина, некои сегменти на македонската култура, од музика до филм, мене лично ми се страшно драги и значајни.
Доаѓаат издавачи од Турциjа, Србиjа и од Бугариjа
Издавачи од Турција, Србија и од Бугарија се гости на програмата „Скопје фелоушип“, дел од осмото издание на фестивалот „Про-за Балкан“, кое поради ковид-ситуацијата наместо во мај се премести за септември. Од 14 до 17 септември во „Куршумли-ан“, „Јуропиан хаус“ и во Кинотеката ќе се реализира богата програма.
И годинава важен дел од фестивалот ќе биде програмата „Скопје фелоушип“, во која вообичаено доаѓаат врвни издавачи и литературни агенти од целиот свет, со намера македонската литература да се доближи до светот. Годинава гости во оваа програма ќе бидат: Назли Бериван Ак од Турција, Јасмина Радојичиќ од Србија, Доротеа Монова и Милен Милев од Бугарија.
На вториот фестивалски ден (15 септември) тие ќе учествуваат на тркалезна маса „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“. Веднаш потоа ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.
Назли Бериван Ак работи како уредник во една од најпрестижните издавачки куќи во Турција, „Ејприл паблишинг“, со седишта во Истанбул и во Анкара. Јасмина Радојичиќ од 2015 година е уредничка во издавачката куќа „Лагуна“, каде што става фокус на книги од локални автори од регионот, класици на светската литература, новооткриени класици и заборавени српски авторки од првата половина на 19 век. Доротеја Монова е директорка на издавачката куќа „Парадокс“ од Софија, која самата ја основала во 1991 година, наменета за елитна и авангардна литература. Милен Милев e уредник во издавачката куќа „Парадокс“ и е одговорен за странски права и лиценци.