Антиупатства за лична употреба
Едно девојче се беше изгубило во шума. Скиташе, скиташе цел ден, ама никако не можеше да го пронајде излезот од беспаќето. Така изгубена ја фати и ноќта, па девојчето, иако инаку беше многу храбро, почувствува како со надоаѓањето на темницата расте и неговиот страв.
Тогаш здогледа како таму од темните длабочини нешто светка. Најпрвин како запрена светулка што трепка во ноќта, а кога девојчето почна да се прикрадува, светлината се засилуваше сѐ повеќе и повеќе, додека конечно пред неа не се откри голема куќа на три ката, со неколку осветлени прозорци на секој кат.
Девојчето сѐ уште не знаеше дека тоа е Куќата на животните и дека во неа живеат најразлични животни, диви и домашни – мајмунот, срната, лисицата, магарето, мачката и уште многу други. Но и дека главниот, најглавниот, кого сите животни го слушаа и од кого по малку се плашеа беше босот – ти-рекс!
Кога девојчето некако стигна пред куќата, беше здогледано од една мачка, која сакаше ноќе пред спиење да шета низ дворот. По кратко двоумење, мачката ѝ притрча, почна да се умилкува вртејќи се со подигнатата опашка околу нејзините нозе и да ја потпрашува: – Мррр, која си ти? Од каде доаѓаш? Како се викаш, мррр?
Девојчето се обидуваше нешто да каже пред буицата прашања, ама мачката Роза (таа во меѓувреме успеа да се претстави) ѝ се туркаше во речениците не сослушувајќи ја, туку и самата одговараше: – Од далеку, а, мррр, а тука живееме триесет и три животни, мррр, Лулу, а така, мррр, не знам како ќе се снајдеш меѓу нас, мррр…
Иако очигледно беше дрдорливка и изведуваше пируети со опашката и зборовите, мачката Роза на некој начин му се допаѓаше на девојчето, па можеше отворено да ја запраша: – Ќе може ли ноќеска да преспијам кај вас?
– Па, да се обидеме, мррр, зависи од босот, мррр, тој ако ти дозволи, тогаш мррр…
И така, девојчето, водено од Роза, се најде во големата дневна соба во Куќата на животните, исполнета со ликови и гласови на жителите. Крадешкум се загледуваше во присутните, виде интересни лица – мајмунско, петелско, магарешко, лисичино… и се прашуваше кој од овие е босот.
Претпоставувате, затоа што босот ти-рекс не беше таму, девојчето не можеше да знае како тој изгледа, односно колку е застрашувачка неговата појава. Но кога вревата меѓу животните одеднаш замре и во просторијата влезе тој, босот лично, сѐ и стана многу појасно. И… мошне се исплаши.
Најпрвин, беше многу, многу голем! И многу, многу заблест! Во најмала рака, лицето му беше ОПАСНО ПО ЖИВОТ! А на тоа застрашувачко лице, неговите ситни непријатни очи забележуваа сѐ. Веднаш ги впери во девојчето.
– Ова суштество не е животно! – грмна неговиот глас.
– Која си ти, кажи ми!
– Јас… јас сум Лулу.
– А што си ти?
– Девојче. Малечко девојче.
– А ха. Така значи. А што бараш тука, во мојава куќа?
– Таа, шефе, мррр… – милостиво се вмеша Роза – таа се изгубила во шумата, мррр… па замоли ако можете да ѝ дозволите ноќва да преспие тука, мррр…
Ти-рексот го наведна својот долг и силен врат и се заѕвери во девојчето и мачката: – Дали сум јас добро информиран?!
И двете се смрзнаа од страшната близина на босот.
– Би можела ли… само една ноќ… – успеа да промрмори девојчето.
– Може, ама само под еден услов – просаска ти-рексот. – Никако, во никој случај, не смееш во текот на ноќта да се појавиш во мојата соба. Јасно?! Строго забрането!
Повтори уште еднаш!
– Строго… забра…нето…
На девојчето телото а и мозокот му беа стаписани, додека ти-рекс со тежок чекор ја напушташе дневната.
– Не плаши се толку. Не му е првпат вака да заповеда – ѝ шепна Роза. Иако може да се каже дека и таа се уште беше вкочанета од громогласниот глас на големиот шеф.
По неколку минути, кога и двете се смирија, Роза ја поведе кон постелата што во меѓувреме за девојчето ја беа подготвиле животните.
– Ќе спиеш тука, веднаш до мене, мррр… – па ја гушна со опашката околу нозете. – Имај убава ноќ, мррр…
(Продолжува)