Петнаесеттото издание на струмичкиот интернационален фестивал за краток филм „Астерфест“ ќе се одржи целосно онлајн, од 28 до 31 август, со акцент на филмските содржини. Организаторите се одлучија за вакво видоизменето издание соочени со пречките што ги наметна пандемијата, но и заради задржување на континуитетот, со план за враќање на концептот со класичните проекции в година.
Годинашното мото на „Астерфест“ е „Движења, патеки“. Селекцијата е составена од триесетина кратки филмови од разни страни на светот, но и од македонската продукција. Во натпреварувачката програма ги имаме добитникот на „оскар“, звучни наслови и имиња од Европските филмски награди, БАФТА, Трибека, како и неколку врвни дебитантски дела. Ретроспективната програма опфаќа дел од кратките филмови што оставиле некаков белег на фестивалот, а ќе има и три дигитализирани кратки филма од опусот на Бранко Гапо, првиот лауреат на „Астерфест“ во 2006 година.
– На самиот почеток на фестивалот ќе има кратко обраќање на познатата шкотска режисерка Мораг Меккинон, а веднаш потоа со пригодна видеопорака ќе се обрати и режисерот Пиро Милкани, легенда на балканскиот филм, кој е лауреат на престижната награда „Астер“ оваа година, за неговиот монументален филмски опус. Милкани е роден во 1939 г. во Корча, студирал на ФАМУ во Прага, а потоа со години работел во Албанија каде што снимил голем број играни и десетици документарни и кратки филмови. Филмската програма на „Астерфест“ ќе се емитува од 28 до 31 август онлајн секоја вечер со почеток од 19.30 часот, а филмовите ќе бидат достапни само по една вечер, бесплатно – најавуваат организаторите.
Пред краткометражните филмски блокови ќе има кратки видеопораки од автори од САД, Мексико, Португалија, Русија, Велика Британија, Аргентина, Бугарија, Романија… Интернационалното стручно жири, кое ќе одлучува за „златната“, „сребрената“ и „бронзената потковица“, е составено од филмологот Марјан Цуцуи, продуцентката Елени Чандриноу и режисерот Горан Радовановиќ.