Даут Даути: „Сватови на песната“ – Скопје, „Матица македонска“, 2021 г.; Исмаил Кадаре: „Залез на степските богови“ – Париз, „Фајард“, 1981 г., прво издание на албански во 1978 г.

Рецензија

Целата прва глава (од вкупно пет) на романот „Залез на степските богови“ од И. Кадаре е посветена на легендата за Константин и Дорунтина. Таа легенда е некој вид популарна, сликовита историја на една од клучните вредности, како во традиционалната така и во модерната албанска култура, каква што е вредноста „беса“ – даден збор што не смее да се погази.
Има краток коментар кон таа легенда во завршната, петта глава на романот „Залез…“ Во тој коментар Кадаре вели: „… што и да се случи, ќе појдам да се поздравам пред да си заминам. Јас ѝ дадов збор… и јас потекнувам од земја во која никој, каде и да се наоѓа, на земја или под земја, не смее да погази даден збор.“ Кој е тој што треба да „оди“ да се поздрави? Со кого и зошто? Која е, најпосле, таа „земја“ од која потекнува тој што не смее да пропушти да појде да се поздрави независно од тоа каде се наоѓа: на или под земја?
Наративното време на романот „Залез…“ покрива настани од периодот 1957-1960 година кога авторот на тој роман ја усовршува својата уметничка техника на московскиот институт за литература „Максим Горки.“ Со оглед на тоа што Кадаре се навраќа на тие московски години безмалу по две децении, може да се рече дека добар дел од неговите погледи кон Советскиот Сојуз, тогашната литература и воопшто словенската култура и митологија се амалгамирани од погледите на еден „подоцнежен Кадаре,“ многу поинаков од оној што поминал полни три години во првата земја на комунистичката револуција. Токму тоа допушта да се рече дека раскажувањето на авторот на „Залез…“ е обележенo од еден вид страбизам, обичен на критичката анализа, коментар или критика. Се знае дека тие систематски маневрираат меѓу духовниот видокруг на авторот на даден уметнички текст и т.н. идеален читател на тој коментар или критика. Тоа двојство има свој корелат и во самата структура на раскажувањето. Легендата за Константин и Дорунтина игра улога на двигател на приказната од една страна и на фактор што индивидуализира лик како симбол на заедница што многу се разликува од онаа во која се нашол тој лик од друга страна.

Директен повод да стапи „на сцена“ легендата за Константин и Дорунтина е една реакција на Лида Снегина (очигледна адаптација на Ана Снегина од истоимената поема на С. Есенин) дека избегнува живи писатели, „особено странци,“ поучена од искуството на блиска пријателка што се врзала за еден таков, жив писател Белгиец, кој, меѓутоа, си заминал дури и без поздрав. Таа реакција на главниот женски лик се сведува на тоа да се воспостави дистанца меѓу неа и главниот раскажувач/актер. Навидум, обична женска претпазливост, меѓутоа, таа се валоризира во свеста на странец што дошол во Москва да усоврши уметнички занает, како супериорни автохтонции (наши) и инфериорни ксенои: странци, други. Токму таа валоризација го поттикнува да ја потсети својата познаничка дека тој потекнува од земја со древна култура; таа создала „грандиозни“ и „величествени“ легенди по кои посегнале писатели како Г. А. Биргер и В. Жуковски иако, во споредба со оригиналните верзии на тие легенди, тие не отишле подалеку од грубо изобличување. Во тој контекст главниот раскажувач/актер се повикува и на нобеловецот И. Андриќ, кој, како и авторот на „Залез…“, користи една древна балканска легенда за својот роман „Мостот на Дрина, веројатно „босанска“ верзија на некој староилирски оригинал.
Сметам за неопходно да укажам барем на некои детали од романот на Кадаре затоа што мислам дека тие на свој начин дошле до израз во првиот циклус песни „Несреќни херои на песната“ од книгата „Сватови на песната“ на писателот Даут Даути.

Тој циклус од шест песни се базира врз една друга народна балада („Стани Реџо“), која, најверојатно, по нејзината уметничка вредност, стои рамо до рамо со онаа што ја користи Кадаре за својот роман-автобиографија за неговите московски години. Имено, таа балада зборува за младоженец што гине од удар на својот коњ за да се открие, потоа, дека зад тоа убиство стои неговиот чичко, токму како во Хамлет на Шекспир. Тој чичко има „бездна од душа/Очи незаситни/“; Тој не знае за „ближен свој“, за „страв од канун“ (закон) „или Севишен“, тој има „очи незаситни/на болка и страв пркосни.“
Може да се рече дека песната „Ме уби времето, ме уби бесата“, која доаѓа веднаш по првиот циклус, функционира како некој вид коментар на тој циклус. Таа песна има поднаслов што се чита како резиме на легендата за Констатин и Дорунтина. Тој поднаслов гласи: „Монолог на Константин кој стана од гроб за да го исполни ветувањето.“ И таа песна потврдува, на свој начин, дека врската на писателот Даут Даути со уметничката литература на еден од најголемите живи писатели на денешниот свет е жива и делотворна. Она што е заедничко и за Кадаре и за Даути во користењето фолклорни дела за современи уметнички транспозиции е нивниот интерес за семантичкиот потенцијал на тие дела, кој е, очигледно, универзален и трансисториски.

Атанас Вангелов