Перформанс на нашиот архитект во Виена
Три филозофско-политички книги на македонскиот архитект наскоро ќе излезат во Виена, а како вовед во нивната презентација во Виена се одржа презентацијата на проектот пред многубројна публика, на која Мијалковиќ држеше говор од предимензионирана книга, додека на главата носеше крзнена капа/круна што сам ја дизајнирал, која му ја изработил синот на кожарот Марко од Старата скопска чаршија
Виенските улици се излепени со постери за претстојната промоција на новите книги на македонскиот архитект и уметник Милан Мијалковиќ, кој првите 18 години од својот живот ги поминал во Скопје, а веќе еднакво толку живее и работи во престолнината на Австрија. Тој е и мултимедијален уметник, кој создава простор без да се самоограничува со специфични медиуми. Мијалковиќ е автор на фасадата на катната гаража меѓу улицата Св. Кирил и Методиј и булеварот Македонија во Скопје, која со својот необичен модерен изглед, кога пред неколку години беше изградена среде скопското барокно лудило, го предизвика вниманието на јавноста.
– Некаде во мај/јуни треба да излезе од печат првата книга од трите тома на кој работев последниве години. За разлика од досегашните книги, овие новиве се филозофско-политички дела. Првата книга носи наслов „Мигрантите се варвари. За недемократското во демократијата од антиката до денес“. Втората книга е насловена „Диспут. Основен принцип и егзистенцијално право на демократијата.“, а третата е „Сеопфатно спокојство. За неполитичкото“ – вели Мијалковиќ.
Книгите ќе бидат издадени во Виена од познатата австриска издавачка куќа „Албум Верлаг“ и се поддржани од една од подобрите уметнички галерии во Виена, „Концет галерие“. Неодамна се одржа и своевиден перформанс во една виенска галерија како вовед во презентацијата на книгите.
– Месецов во Виена се одржа еден од перформансите што се дел од целата акција, пред и по објавувањето на книгите. Инаку презентацијата се одржа во галеријата „Бф2“ на една од најпознатите галериски/уметнички улици во Виена, Шлеифмулгасе.
Имаше многубројна публика и голем интерес, читав од третата книга „Сеопфатно спокојство. За неполитичкото“, која кажува за измешаните поими, идеи и вредности денес и, секако, за опасностите од последиците што произлегуваат од тоа.
Самоодлучување денес, за жал, значи саморобување – вели Мијалковиќ.
Неодамна тој се претстави во Виена со уште еден интересен проект насловен „Виенската Марија“, кој наиде на огромен интерес кај јавноста, за него се пишуваше во австриските весници, се зборуваше на радио, и тоа не само во Австрија, туку и во Германија, Швајцарија.
– „Виенската Марија“ беше подвижен објект, односно подвижна фонтана за „илегалните“ работниците во Виена што на улица чекаат некој да ги собере, да ги ангажира, да им даде работа „на црно“. Тоа е во суштина проституција, само што не се продава секс, туку работна сила. Тоа е модерното ропство. Тие луѓе се тука главно без документи, без посебни права, без какво било осигурување, но исто што е посебно проблематично е што овие луѓе немаат право на глас, па воопшто не се тема за овдешната политика. Па иако се доста видливи, бидејќи стојат во поголеми групи, на главните булевари, сепак се тотално игнорирани од општеството и од политичките структури. „Виенската Марија“ им носеше вода на овие маргинализирани групи за време на летните горештини минатото лето. Колку што паметам, во Скопје сличен феномен е или порано беше Јужен булевар каде што секогаш група работници чекаат да бидат ангажирани за разни физички работи, за бедни услови. За жал, во Скопје, покрај минатото, а поради секојдневието, тоа на многумина воопшто не им пречи и не е тема, ама мора да се присетиме дека слобода е само кога сите се слободни – вели Мијалковиќ.
Неговиот проект во Виена поттикна ангажирање организации и групи што активно ќе се занимаваат со овој проблем, се снимија документарци што наредниве месеци ќе се прикажат на националната телевизија, а темата и проектот беа и на неколку насловни страници во австриските весници.
Архитектот Милан Мијалковиќ првите 18 години од својот живот ги поминал во Скопје, а веќе еднакво толку живее и работи во Виена, Австрија. Тој е и мултимедијален уметник што создава простор без граници во специфични медиуми.
– Енергичен исказ, самозапалување од протест или дури и лоша фотографија може да произведе многу повеќе простор отколку тони бетон – вели тој.
Роден е во Скопје во 1982 година, а студирал архитектура во Скопје и во Виена. Нераскинливата врска со својот роден град ја покажа со проектот и книгата „Пре-фабрикати – растечките куќи на Скопје“ што го разоткрива основното ткиво на градот на солидарноста – скопските бараки. Книгата и проектот беа претставени лани во Музејот на современата уметност во Скопје како коавторски проект заедно со Катарина Урбанек, архитектка од Австрија, која има сопствено архитектонско студио и работи на Архитектонскиот факултет во Виена.
Таа се појави и на „Архдејли“, најпосетуваниот и најпрестижен светски портал за архитектура, а ја доби и големата светска награда „А+“. Мијалковиќ во 2013 година е добитник на наградата што ја доделува виенското списание за архитектура и урбанизам „Стар хјуман“. Познат ѝ е на нашата јавност и по книгата со контроверзен наслов „Скопје светското копиле. Архитектурата на поделениот град“, што ја објави австриската издавачка куќа „Визер ферлаг“, а потоа беше преведена и на македонски и на албански јазик.