Издавачкиот центар „Три“ го објави вториот том од „Големата црвена книга“ од Руми, суфист и поет, во препев на Драги Михајловски. Руми, дервишот што танцува, големиот мислител и поет што го исполнува универзумот со одекот на својата духовност, сега можеме да го читаме и во вториот том на оваа значајна книга благодарејќи на извонредниот труд на Драги Михајловски.
– Неговиот препев ги задржува како скапоцен рубин карактеристиките на духовноста, певот и длабочината со која се откриваат дури и најтаинствените димензии во одите. Препевот на оваа книга со моќни пораки е збогатен со значајни информации од македонското поднебје, кои совршено се илустрираат низ стиховите. Читајќи ги, можеме да ја препознаеме и да ја почувствуваме моќта на оваа голема раскошна поезија што е актуелна и по осум века од нејзиното создавање.
Руми е зачуван во приказните и неговиот живот е раскажан преку шармантните хагиографии дадени на почетокот на секое поглавје, а неговата умешност е единствена во светската книжевност. Визионерска, со филозофски, некогаш хумористични, а пред сѐ, со човечки постулати. Во неа се расправа за делови од Куранот и од Библијата, за многу народни приказни и шеги, за универзалните вредности и вистини – вели издавачот.
Вториот том од „Големата црвена книга“ е уште едно во низата вечни уметнички дела што благодарение на „Три“ остануваат да одекнуваат и во македонскиот јазик. Таа не е само здив на историската сила на поезијата, туку и богато наследство на светската книжевност.