Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски се враќа на европска почва, откако длабоко ја импресионираше азиската публика на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј. Вечерва филмот „Врба“ ќе биде прикажан на 23-от филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, еден од најголемите во Европа. Со оглед на тоа што филмот веќе имаше светска премиера на Фестивалот во Рим, во Талин ќе игра надвор од конкуренција, во програмата Потписи, во која, како што велат од фестивалот, се „најновите дела на филмските велемајстори“.
„Врба“ ќе има три проекции во Талин, а на проекцијата вечерва ќе гостува и режисерот Манчевски, кој ќе има сесија прашања и одговори со естонската публика. „Црни ноќи“ е меѓу 14-те светски фестивали од А-категорија рангирани според ФИАПФ.
Премиерата во Талин му е посветена на Ник Пауел, извршниот продуцент на „Врба“, кој почина една недела по македонската премиера. Екипата на филмот го нарече легендарниот Пауел „срце на нашиот филм“. Тој е продуцент на педесетина филма (оскаровецот „Играчка-плачка“ на Нил Џордан, „Скандал“, „Мона Лиза“) и коосновач на „Вирџин рекордс“, заедно со Ричард Брансон.