Миланска „Скала“ изгуби два долгогодишни соработници поради коронавирусот – некогашниот кастинг-директор Лука Таргети почина на 12 март, во 63-та година од животот, брзо откако ги почувствувал симптомите на болеста, а на 15 март почина и архитектот Виторио Греготи, во 92-та година. Греготи е меѓу оние 368 луѓе што починаа на 15 март во Италија од коронавирусот. Греготи починал во болницата, а заразена е и неговата сопруга, која исто така е на лекување, пренесоа италијанските медиуми.
Еден од најистакнатите личности на италијанската модерна архитектура, Греготи, е заслужен за театарот „Арчимболди“ со 2.000 седишта, привремено седиште на „Скала“ во времето кога беше затворена во 2002 година поради реновирање. Тој е автор и на низа други важни проекти во Милано и низ светот, како седиштето на „Пирели“, неколку универзитетски кампуси, стадионот за Олимписките игри во Барселона во 1986 година. Ја надгледувал и модернизацијата на лондонскиот „Саут бенк“ во 1994 година.
Коронавирусот го однесе и животот на Лука Таргети, кој 13 години беше кастинг-директор на „Скала“, почнувајќи од 1997 година, а и самиот едно време работел како архитект. Потоа станал менаџер на уметници, од 1986 до 1997 г., како и по заминувањето од „Скала“.
Миланска „Скала“ ја запре програмата на 23 февруари, а како и сите други италијански театри, ќе биде затворена најмалку до 3 април. Во меѓувреме е соопштено дека еден тенор што учествувал на пробите на операта „Салома“ е заразен со коронавирус, а бил во контакт со повеќе од 20 колеги, кои се во изолација. „Салома“ требаше да биде премиерно изведена на 8 март.
Кога „Скала“ престана да работи, во Италија имаше 130 заразени со коронавирус, од кои 93 во Милано. Ситуацијата драстично се влоши веќе во наредните 48 часа.