Светиот престол со векови е еден од најголемите покровители кога станува збор за архитектурата, но досега никогаш нема учествувано на оваа глобална архитектонска изложба. Не треба да изненадува фактот дека, со оглед на црковната традиција, павилјонот на Ватикан претставува место за секаков вид аџилак: инсталацијата од 10 капели, дело на десетина архитекти, распослана околу раскошна градина, се наоѓа на еден од островите во венециската лагуна
Шест држави годинава првпат учествуваат на Биеналето на архитектура во Венеција, кое е во тек и ќе трае до крајот на ноември, но најнеочекуваната држава-учесник за сите е Ватикан. Светиот престол со векови е еден од најголемите покровители кога станува збор за архитектурата, но досега никогаш нема учествувано на оваа глобална архитектонска изложба. Иако ова е прво официјално појавување на Ватикан на Меѓународната изложба на архитектура, тие всушност првпат се појавија во Венеција во 2013 година, на Биеналето посветено на уметноста.
Не треба да изненадува фактот дека, со оглед на црковната традиција, павилјонот на Ватикан претставува место за секаков вид аџилак: инсталацијата од 10 капели – дело на десетина архитекти – распослана околу раскошна градина, се наоѓа на еден од островите во венециската лагуна.
Неодамна се испостави дека ова место за аџилак е малку нестабилно, поради присуството на мајстори што ги поправаа неасфалтираните патишта, претворени во кал како последица од повеќедневните дождови, а бучавата од моторни пили и чекани повремено ги задушуваше песната на птиците и шумот на водата што удираше по должината на брегот на островот Сан Џорџо Маџоре. Но, и покрај сето тоа, градината дејствуваше небаре недопрена од времето, што не е за занемарување, имајќи предвид дека само една бродска станица подолу, орди од туристи го преплавуваа плоштадот „Свети Марко“ во Венеција.
Избегнувајќи ги пудлиците и дупките, Франческо дал Ко, кустосот на павилјонот, им ги покажуваше на посетителите десетте капели, чии дизајнери се меѓународни архитекти, избрани од Дал Ко, затоа што „имале различни структурални концепти и работеле со различни материјали“. Помеѓу нив се најдоа и двајца добитници на Прицкеровата награда за архитектура, Норман Фостер и Едуардо Суто де Мура.
Националните павилјони во Венеција сакаат да ги прикажуваат макетите, цртежите и скиците што го документираат создавањето на градбите. Ватиканските капели, како што е наречен павилјонот, е составен од целосно завршени градби.
На архитектите им беше укажано да се угледаат на зградата што била осмислена и создадена речиси пред еден век, а тоа е Шумската капела, дизајнирана од шведскиот архитект Гунар Асплунд. Претставувајќи го проектот, Дал Ко изјави дека ја избрал оваа капела како некој вид духовен пример за архитектите, опишувајќи ја притоа како „малечко ремек-дело“.
Првата структура во градината на која наидуваат посетителите е една колиба во нордиски стил, дело на Франческо Мањани и Труди Пелцел, со цртежи и макета на Асплундовата капела.
Капелата на парагвајскиот архитект Хавиер Корвалан Еспинола е физички восхитувачка, бидејќи посетителите стојат под еден огромен челичен прстен што е поставен на трипод.
Една од ретките капели со покрив е онаа на Терунобу Фуџимори, наречена Капела на крстот. Низ еден тесен ходник, посетителите доаѓаат до празна традиционална просторија, чии ѕидови се украсени со парчиња јаглен, наредени околу дрвен крст. Во каталогот, Фуџимори наведува дека сакал „луѓето да го почувствуваат слегувањето на Божјиот син додека го гледаат крстот“.
Во некои случаи, Дал Ко избирал дијаметрално различни материјали: капелата на Франческо Челини, внимателно изведена студија од мазни, тенки, предимензионирани црни и бели керамички плочи, е во целосен контраст со Утринската капела на архитектите од Барселона, Рикардо Флорес и Ева Праст, која, пак, е направена од скршени венецијански плочки.
Сакајќи да го убеди кардиналот Џанфранко Раваси, де факто ватиканскиот министер за култура, дека Ватикан треба да прикаже завршени дела наместо макети и планови, Дал Ко му рекол на кардиналот дека архитектонските изложби обично „ја претставуваат карналната (телесна) врска помеѓу таткото и мајката, но не и она што се изродува од неа“.
– Дојдено е времето да се „внесе“ живот во статичните претстави – додава тој.
Ова е 16-то по ред издание на Биеналето, на кое годинава учествуваат 63 држави. Веќе се отвори и дискусија за тоа што ќе се случи со капелите по затворањето на изложбата во ноември.
Речиси 70 години овој остров е дом на фондацијата „Џорџо Чини“, организација посветена на образованието. А градината во која се наоѓа венецијанскиот павилјон, управувана токму од оваа фондација, не е отворена за публика. Рената Кодело, директорката на фондацијата, вели дека тие би сакале капелите да останат онаму каде што се сега.
– Еден ваков прекрасен парк со скулптури и верска архитектура би ни понудил многу теми за размислување – изјави таа.