Уличниот уметник Бенкси направи неочекуван потег и лансира спасувачки брод за да помогне во спасувањето на бегалците во опасни ситуации во Средоземно Море. Како што најави Си-ен-ен, тој го обои бродот розов, за да направи и ова уметничко дело да биде слично и во стилот со неговиот познат мурал „Девојче со балон“.
Бенкси ја изненади меѓународната заедница. Оваа недела тој одлучи да понуди помош среде бегалската криза, купувајќи го бродот по име „Луиз Мишел“ и пребојувајќи го. Како што пишува „Гардијан“, приказната почнала минатата година, кога Бенкси, наводно, контактирал со капетанот Пја Клемп, нудејќи му помош во нивната мисија.
– Ја прочитав вашата приказна во весниците. Јас сум уметник од Велика Британија и изработив дело за бегалската криза, очигледно не можам да ги задржам парите. Би можеле ли да ги искористите за да купите нов брод или нешто слично? Ве молам, известете ме – му пишува на Клемп.
На веб-страницата на проектот „Луис Мишел“ се вели дека тој има цел „да го поддржи поморскиот закон и да го спаси секој што е во опасност, без предрасуди“. Уметникот го опремил бродот со апарат за гаснење пожар и насликал слика на девојче во спасувачки елек што посегнува по појас за спасување во форма на срце. Уметничкото дело по стилот е слично на познатиот мурал на Бенкси „Девојче со балон“. „Твитер“ известува дека бродот веќе извршил голем број мисии за спасување, а во вторникот биле спасени 89 лица со гумен чамец.
Бенкси го пребои поранешниот брод на Француската морнарица во бело и розово и го лансира минатата недела. Екипажот открива дека мисијата на бродот е да „одговори на СОС-повикот на сите што се во неволја, не само да ги спасат нивните души – туку и нашите“.
Бенкси е анонимен графити-уметник од Бристол, Велика Британија. Тој користи субверзивни епиграми и мрачен хумор, за да пренесе политички и социјални коментари на улиците, sидовите и мостовите на градовите низ целиот свет. Работата на уличниот уметник произлезе од подземната сцена во Бристол, која вклучуваше соработка помеѓу уметници и музичари.