Годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, на кое, покрај претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, присуствуваа министерката за култура Ирена Стефоска и министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, нејзината заменичка Мери Кумбе, претставници на дипломатскиот кор и други видни личности од јавниот и од политичкиот живот во земјава, беше во знакот на Чајковски. На сцената на Античкиот театар, уметниците од Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска, го изведоа спектакуларниот проект „Големиот Чајковски“ – балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и од операта „Евгениј Онегин“.
– Шеесет и една година од првиот акорд во величествената „Света Софија“ до шеесет и една година вечерва во грандиозниот Антички театар – минато вредно за длабок поклон. „Охридско лето“ одамна е престижен настан. „Охридско лето“ ја надмина фестивалската улога. „Охридско лето“ стана македонски бренд, кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост – истакна министерката за култура на отворањето.
Шеесет и првото издание на фестивалот за отворено го прогласи претседателот Стево Пендаровски.
– Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, а со тоа и сведоци дека надежта за човештвото опстојува – рече претседателот Пендаровски.
Од името на уметниците, традиционалната порака за 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ја пренесе уметничката директорка на Националната опера и балет, Олга Панго, која оваа порака им ја посвети, пред сѐ, на колегите.
– Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста што секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници, ќе го отвориме фестивалот „Охридско лето“. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во името на уметноста – порача Панго.
Во текот на 40-те фестивалски вечери, на летните сцени на Античкиот театар, во предворјето на катедралната црква „Света Софија“ и на Долни Сарај, ќе продефилираат околу 500 уметници од 18 земји, а ќе бидат реализирани 34 уметнички концерти на врвни имиња од областа на музичката уметност и шест театарски претстави.