Бартелми Кузен (Barthelmу Cousinе) тивок, нетипичен парижанец. Доживотен вљубеник вo Платон. A штом ќе ce збуни, руменее како девица. Во секој случај, овој штрклест, ненаметлив очилко е директор еднакво сакан и од учениците и од вработените во Интернатот. Во Солун пристигна со Платоновите дијалози вo куферот, подарок од сродниците по срце, браќата Алфред и Морис Кроазе. Наспроти упорната желба на татко му, за кого служењето на Асклепиевата наука беше право на наследството и честа, младиот Бартелми, сепак „тивка река што брег рони“, го одбра, засега и засекогаш, занесното царство на Идеите. Конкурсот на Министерството за надворешни работи, и покрај извесната бизарност на понудената работа, дојде како нарачан.
По Хатихумајунот, Солун cè повеќе ги привлекуваше Французите и Бартелми, постојано, пo солунските кафеани или на приемите во Конзулатот, среќаваше сонародници, кои му беа речиси непознати, иако живееја и работеа во ист град. Кога 1976-та, во оние безумни немири, го убија конзулот и бродовите на неговата влада, заедно со сојузниците, го блокираа пристаништето, тој во својот самечки стан во Интернатот прифати неколку уплашени француски семејства. Но иако на овие растреперени луѓе им понуди cè – засолниште, храна и утешни зборови, тој, неколку дни откако замина, не можеше да запомни ниедно од нивните имиња. Можеби затоа, симболиката на презимето на Monsieur le Directeur важи единствено вo онаа чудникава варијанта на расеан, пoмалку изгубен роднина со збунета насмевка. Сите бурни настани во Империјата, па и оние непосредно до него, смената на двајцата султани за три месеци, фотографираните глави на храбрите комити што, заедно со оние на турскиот аскер, ce тркалаа како есенски костени, сите неволји, буни и војни допираа до слухот на Бартелми сосем бегло, во непостојано ехо од испомешани разговори на неговите расприкажани, потни „братучеди“ од Messagerie Maritime.
Впрочем, за Бартелми, тие зборуваа нејасно, небаре во шифри, a политиката ја мешаа со франци и царини, зашто беа убедени дека илјада пати ce повешти од камилата што минала низ дупчето на иглата и исто толку пати поитри од иглата што не можела да мине преку француската царина. Бартелми навистина беше со километри од тој за него хаотичен и банален свет и веднаш ce засолнуваше во Платон и во тишината на работната соба. Таму, главоболката ќе му минеше светрум и тој повторно, прелетувајќи ги милениумите, го слушаше светиот глас на Сократ:
– А душата, невидливото, тоа што оди во друг некој свет благороден, чист и, исто така, невидлив, во вистинскиот Ад, кај добриот и умен бог, кај што и мојава душа ќе треба да отпатува, ако сака тој, зарем таа што ни е создадена да биде иста таква, оддалечувајќи ce од телото ќе ce растури и веднаш ќе пропадне како што веќе говорат мнозина? He ќе е така, драги Кебесе и Симија! Многу повеќе е вака: Ако чиста ce оддалечи душата од телото и не влече ништо од него со себе, зошто не би била по своја волја здружена со него во животот, туку го одбегнува и ce повлекува сама во себе и секогаш настојува во тоа; тогаш нели тоа не е ништо друго, туку исправен стремеж кон мудроста и вежбање, всушност лесно да ce умре? Нели е сето тоа подготовка за смрт?
– Секако.
– Таква каква што е, патува таа кон сличното, себеси кон невидливото, кон божественото, бесмртното и умното! Кога ќе пристигне таму, нејзе ѝ е овозможено да биде среќна да биде ослободена од скитање и безумност, од страв и диви сладострастија, од сите човечки зла! Ќе го минува таа, всушност, преостанатото време со боговите, така барем велат посветените во светите тајни…
Обземен од возвишената мисла, Бартелми Кузен, со „Фајдон“ в рака, веќе го започнува патувањето по слободните предели на мечтата. По прозорецот ситно бие априлски дождец – вечен аптекар што лечи полупијани простаклаци, пцости и окрвавени кошули. Лесно, како од памук, ce кршат синџирите на приземноста и горделивата душа на ритерот Бартелми летнува; костенлива срна, кон земјата на блажените духови…
(продолжува)