Вчера во Драмскиот театар во Скопје се одржа комеморација за актерката Билјана Беличанец, која почина во саботата. На комеморацијата присуствуваа голем број роднини, пријатели и колеги на Беличанец, а за време на целиот настан беа емитувани инсерти од претстави во кои глумеше Беличанец.
Прв на сцената се качи актерот Дејан Лилиќ, кој со солзи во очите го даде својот говор.
– Не е фер, затоа што требаше уште многу да одработиме, јас и ти и твојата весела дружина. Билјана, ти никогаш нема да бидеш во минато време, секогаш ќе бидеш овде присутна. Оние што добро те познаваат, знаат дека си човек со огромно срце и душа, и за себе и за сите нас. Несебично ни помагаше. Ти не глумеше на сцена, ти живееше на сцена. Бескрајно талентирана, ѕвер од актер и ангел од човек. Многу те сакаме – рече Лилиќ.
Емотивен говор имаше и актерот Драган Спасов-Дац.
– Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови кои нѐ гледаат во секој момент додека сме на сцена. Тие ни ја даваат енергијата кога ни е најпотребно. Аурата на Драмски се збогати, за жал, со уште еден нежен и преубав дух, кој ќе биде присутен. Тука е и духот на татко ми Стево, на Ненад, Ацо, Нада, Бранко, Ванчо, Снежана, Дади и Горан. Овде се некаде и го слават твоето доаѓање во бесмртните. А што да правиме ние? Нѐ остави збунети и во бескрајна болка. Нѐ остави да замислуваме што уште можеше да направиш на сцена. Сцената беше твојот живот, ова не е фраза, ти едноставно така беше. На оваа сцена ти беше мојата Кинегонда, мојата Сара, мојата Цвета, мојата Ширин, мојата Сузана, мојата Билјана Беличанец – додаде тој.
Режисерката Катерина Коцевска, пак, ги потсети присутните на последната претстава што Беличанец ја одиграла, на 8 март годинава, како Ема во претставата „Љубовници“.
– Последната претстава требаше да ја одиграш во 2069 година. Ова не е природно. Збогум моја Ема, збогум моја Биле – за последен пат се прости Коцевска.
За кариерата на Беличанец говореше и директорот на Народниот театар од Прилеп, Стојан Дамчески, а по него на сцената се качи и актерката Снежана Конеска-Руси, која сподели дека во текот на актерското созревање на Беличанец како актерка, таа била нејзин учител и родител.
– Не знам како доаѓа период кога јас станувам твој родител и учител. Можеби те учев како да газиш по трнливиот пат. Ѕвони твојот глас во секоја улога, песна, синхронизација. Твојот учител Снешка. Те мислам. Јас те чекам или чекај ме – рече Конеска-Руси.
Билјана Беличанец (1973) беше актерка во Драмскиот театар од 1997 година, а претходно беше вработена во Прилепскиот театар, во чиј ансамбл станува членка веднаш по дипломирањето на ФДУ во 1994 г. Билјана Беличанец бележи голем број театарски улоги и награди. Скопската општина Кисела Вода, чија градоначалничка Беличанец беше од 2013 до 2017 година, на 8 април одржа комеморација во новоизградениот Дом на културата. Беличанец беше пронајдена мртва во нејзиниот стан ноќта на 6 април.