Автор на изборот и на обемниот поговор е Васил Тоциновски. Во овој избор, прв од ваков вид кај нас, се застапени 78 автори од четиринаесет земји: Австралија, Австрија, Германија, Италија, Канада, Норвешка, Словенија, Словачка, Србија, Турција, Холандија, Хрватска, Швајцарија и Шведска
Првиот број на новото книжевно списание „Селект“, во издание на „Македонија презент“, насловено „Во потрага по убавата песна“ е антологија на македонски автори што живеат и создаваат во странство. Автор на изборот и на обемниот поговор е Васил Тоциновски. Во овој избор, прв од ваков вид кај нас, се застапени 78 автори од четиринаесет земји: Австралија, Австрија, Германија, Италија, Канада, Норвешка, Словенија, Словачка, Србија, Турција, Холандија, Хрватска, Швајцарија и Шведска.
– Делбите и преселбите постојат откако се стварност човекот и животот. Меѓу нив се големи води, недогледни пространства, други и различни културни и јазични средини. Народната мудрост непогрешливо препорачува оти пофалбата треба да се каже јасно и гласно, неа треба да ја слушнат сите, а покудата треба да биде изречена тивко и во четири очи. Наши сме си, свои, најблиски и најмили, та затоа македонските поети што живеат и создаваат во странство/туѓина не ги именуваме со дијаспора, откорнатици, преселници, мигранти и многу други формули, зашто древноста на дводомните автори како мера со појавата на писмото и книжевноста повикува и предупредува на внимателно или поточно прецизно и логичко дефинирање – вели Тоциновски. Станува збор за автори чија голема тема и љубов, меѓу другото, се македонската традиција и континуитет, самобитност и непокор и нивна творечка сила е македонскиот литературен јазик, кој со нив рамноправно живее и комуницира на сите страни во светот.
– Би забележале оти тие се секако најдоследни чувари и афирматори на мајчиниот говор со онаа мисла на Крсте Мисирков оти јазикот треба да се сака и чува како што се сакаат и чуваат својот народ и татковината. И предупредувањето на Блаже Конески оти додека го имаме јазикот ја имаме и татковината, зашто јазикот е нашата единствена и вистинска татковина. Со еден збор, овој избор потврдува оти нема заборавени, отфрлени, потценети. Поетското срце како што пееше Рацин може цел свет да го собере во себе. Тоа најдобро го потврдува податокот оти како по некое непишано правило најчесто имаме двојазични изданија; со мајчиниот македонски и со јазикот на новата, другата татковина. Човекот, субјектот и луѓето, колективот го одразуваат стремежот оти да се пишува поезија не е задача денот, туку тоа е цивилизациско право и обврска да се сакаш и почитуваш себеси и само така да се сака светот во кој сме рамноправен партнер за дијалог и соработка. Во правилото оти во животот не постојат случајности е вградена и логиката оти никој и ништо не суштествува сам за себе – додава приредувачот.
Во антологијата „Во потрага по убавата песна“ се застапени: Ристо Василевски, Бистра Шеќеровска, Лилјана Стоилковска-Андонова, Лидија Димковска, Душица Илин, Алдо Климан, Ирена Павлова де Одорико и др.