Патот на „Мојот маж“ исто така покажува дека успехот на книгите не може да биде брз или молскавичен, освен ако не сте можеби светски познат автор чии дела се исчекуваат во повеќе средини. Треба време книгата да се преведе, да се прочита, да се слушне за неа, вели Бужаровска
Румена Бужаровска, писателка
Некои од збирките раскази на македонската писателка Румена Бужаровска и годинава се во фокусот на вниманието на културната јавност. На сцената на Словенско народно гледалишче во Љубљана месецов, во режија на Ивана Ѓилас, беше поставена претставата „Мојот маж“, во која се преточени раскази од нејзината истоимена книга, но и од новата збирка „Не одам никаде“. Во Скопје, пак, во режија на Нела Витошевиќ, „Мојот маж“ беше премиерно поставена на сцената на Драмскиот театар во февруари.
Какви ви се сега впечатоците и од двете претстави, што би сакале да издвоите?
– Двете претстави се многу различни, но и двете се исклучително паметни, успешни и висококвалитетни, а публиката одлично реагира на нив. Она што е слично е што и двете претстави ги користат моите раскази, напишани во прво лице, на начин на кој протагонистката зборува и ѝ се обраќа на публиката, како вид монолог околу кој постепено се отвораат дијалози и драмски ситуации во кои учествува целата актерска екипа. Она што најмногу отскокнува е што во претставата на Витошевиќ актерите учествуваат со свои монолози, кои се во духот на моите текстови, но се сепак авторски дела на актерите. Ѓилас, од друга страна, има направено сосема женска претстава, учествуваат само актерки, а кога има машки ликови, самите актерки ги прераскажуваат нивните делови, што е намерно комично и исмевачко. И техничката екипа е женска, од сценографија, костимографија до светло. Единствено мажот на режисерката е автор на музиката, за која вреди да се каже дека не употребува воопшто македонски мелос, со што се избегнува стереотипизација на Македонците како народ што пее и игра, нешто што многу често се среќава во поранешните југословенски држави. Претставата на Ѓилас исто така почнува со една многу атрактивна кореографија, која трае речиси 15 минути, и потсетува на модерен балет преку кој ликовите си ги раскажуваат приказните што следуваат. И двете претстави се и комични и трагични и успешно ја балансираат динамиката меѓу овие спротивставени емоции, со што постојано ја држат публиката во состојба на возбудлива напнатост.
Адаптацијата за театарска сцена на вашите раскази, во чиј фокус се жените и нивното доживување на животот, на себеси и на светот во кој има и мажи, и за вас претпоставувам е посебно искуство. Се консултираа ли режисерките со вас и во врска со што при оформувањето на актерските ликови?
– Со Нела Витошевиќ сме пријателки, па разговаравме повеќепати во текот на поставувањето на претставата, но тоа повеќе беше од љубопитство отколку поради некакво учество во процесот. Самата не сакав да учествувам во драматизацијата, бидејќи не сакав да се мешам во процесот и не сакав да го наложувам мојот поглед на текстовите надвор од тоа што е веќе објавено во книгата. Со Ивана Ѓилас првпат лично се запознавме сега, кога бев да ја гледам претставата во Љубљана, така што ни тука немаше консултации. Инаку, чувството да го гледате сопствениот текст како се отелотворува на сцена е навистина единствено и возбудливо. Кога во Скопје ја гледав „Мојот маж“, бев обземена од начинот на кој режисерката и актерите ги интерпретирале ликовите, и уживав гледајќи ги ситните разлики во изведбите. Впрочем, тоа беше последна претстава што ја гледав кога почна пандемијата, а следната пак беше „Мојот маж“, но во Љубљана, каде што го забележав и доживувањето на едно друго многу интересно чувство: имено, пишувањето и читањето се интимни дејства. Кога некој ве чита, не знаете како читателите реагираат, бидејќи не ги гледате во нивната приватност. Овде е друго, бидејќи гледате во живо како публиката реагира на вашиот текст, со смеење, со солзи, со нелагодност. Уште повозбудливо е кога гледате како текстот се пренесува на друг јазик и во друга средина и како сепак, и покрај разликите во културите, тој функционира.
Како ја доживеавте атмосферата при изведбата на „Мојот маж“ во Љубљана, со оглед на корона-кризата, имаше ли доволно публика и на кој начин беше регулирана актерската игра, но и начинот на следење на претставата?
– Словенско народно гледалишче е навистина многу сериозен и професионален театар, и тоа се гледаше во секој миг, од подготовките на претставата до реализацијата, до нивниот навистина успешен пиар. Поради пандемијата, капацитетот на театарот од 400 гледачи е намален на 80, и затоа играа три претпремиери и три премиери во текот на една недела. Сите изведби беа полни и распродадени, а публиката во текот на претставата седи на растојание и носи маска. Претстави играа и секој ден, освен во недела, во текот на наредната недела, но, за жал, при крајот на последните изведби поради големиот пораст на бројките на заразени во Словенија, сите културни институции беа затворени. Не се сомневам дека ќе продолжат со работа штом состојбата малку ќе се смири, исклучително се вредни, способни и приспособливи на ситуацијата. Како и на повеќе места во светот, пандемијата како да покажа дека културата е најопасна, па така културните настани и институции најмногу настрадаа. Рестораните, кафулињата, автобусите и авионите се полни, но се чини дека театрите и концертите се поопасни. Метафорично, така и е, особено за држави со елементи на авторитарно владеење.
Деновиве „Мојот маж“ доби и најава за своето германско издание, кое треба да излезе во март 2021 година. Кој е издавачот и на колку јазици досега е објавена оваа книга, која од своето појавување во 2014 година привлекува големо внимание и кај критичарите и кај читателите во регионов и надвор од него?
– Посебно сум среќна за германското издание, затоа што издавачот е „Суркамп“, една од најстарите, најголеми и најреномирани издавачки куќи во германското говорно подрачје. Расказите, уште пак напишани од некоја авторка од мала балканска државичка, често се многу неатрактивни и сосема засенети од романот, па, така, исклучително ретко се објавуваат збирки раскази. Патот на „Мојот маж“ исто така покажува дека успехот на книгите не може да биде брз или молскавичен, освен ако не сте можеби светски познат автор чии дела се исчекуваат во повеќе средини. Треба време книгата да се преведе, да се прочита, да се слушне за неа, а често издавачите ја објавуваат година или две откако ќе биде склучен договорот, па така иако „Мојот маж“ беше објавена во 2014 година, ѝ требаа неколку години да почне да се објавува во други земји. Објавена е во сите поранешни југословенски републики освен во Косово, албанскиот превод се работи моментално, но е домашен, објавена е во Италија, Унгарија, САД и Велика Британија и Ирска (англиската верзија е на една издавачка куќа).
А каков е досегашниот пат на книгата „Не одам никаде“, но и што се случува со вашиот текст за радиодрама, но и со сценариото за краток филм, кои ги споменувате изминатиов период во интервјуата во медиумите?
– „Не одам никаде“ засега е преведена и објавена во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Србија, а некои од расказите веќе се преведени на англиски, па така насловниот расказ наскоро ќе биде објавен во американското списание „Саутерн ривју“. Радиодрамата на тема на бомбардирањето на НАТО врз Југославија (темата ми беше зададена и ја обработив од интимен и локален аспект) ја напишав за германското AЕрДе, минатата година, по што беше емитувана. Во меѓувреме, нашиот режисер Радован Петровиќ конкурира со мое сценарио за краток филм, базиран врз расказот „Проблемот на Тина“ од збирката „Осмица“, што беше поддржан од филмскиот фонд, и треба есенва да почне да се снима. Хрватскиот аудиовизуелен центар ме поддржа за проект за развој на сценарио врз основа на расказот „Осми март“ од „Никаде не одам“, кој треба да го работи хрватскиот режисер Бранко Шмит.
Продолживте ли и покрај корона-кризата да преведувате книги, да им пренесувате знаења на студентите на Филолошкиот факултет, каде што предавате американска книжевност, но и да учествувате во граѓански, најчесто феминистички проекти и акции?
– Часовите се префрлени онлајн, па редовно си имам настава по американска книжевност и преведување. Кон почетокот на годината излезе мојот превод на романот на канадскиот современ писател Ијан Рид „Се мислам да ставам крај“ (објавен во „Или-или“), роман што неодамна доби извонредна филмска адаптација на Нетфликс од страна на брилијантниот Чарли Кауфман. Сега привршувам со преводот на мојата омилена авторка Фланери О’Конор, и тоа со збирката „Тешко ќе најдеш добар човек“, што ќе излезе во издание на „Темплум“. Во меѓувреме моите активности со „ПичПрич“ не згаснуваат. Бевме принудени во март да го откажеме гала-настанот во Македонскиот народен театар „Фасада“, па така во септември го снимивме, без публика, и сега работиме на објавување на видеото. Во екот на карантинот и полицискиот час направивме „Онлајн ПичПрич“, во кој учествуваа неколку фриленсерки, а следното издание, кое најверојатно ќе биде онлајн поради пандемијата, и ќе се одржи во зимските месеци, го подготвуваме сега.