Тресок пред кафуле. Скап автомобил, лош возач!
По подолга пауза, се качив на велосипедот. „Фолксвагенот“ одамна го продадов, па се префрлив главно на пешачење, но во деновите кога во Скопје владеат короната и летните врелини, за мене, бидејќи припаѓам на возраста над 60 години, велосипедот е најпожелно средство за движење по скопските улици. Таа вечер појдов до паркот, по кејот, додека лесниот вардарец ми ги ладеше образите (ја слизнав маската, тоа им е дозволено на велосипедистите). Но веќе на влезот на паркот – живописна глетка, како да сум на летно корзо во Лептокарија или Платамона, преполно со развревени и разголени туристи од Македонија. Меѓу нив забележав малкумина мои врсници, главно на велосипеди, кои се обидуваа да побегнат од турканицата по некои позатскриени патеки, но залудно!, зад секој агол ги сочекуваа смеата и вревата на тинејџерските групи. Што е можно побргу, се извлеков од парковската турканица и свртев накај Дебар Маало.
И се најдов среде преполни кафулиња со гласен ритам и масовна ноќна радост. Во слава на Ерос и Бахус! Но одеднаш, тој општ вечерен ентузијазам беше прекинат од чкрипеж што ја надгласа гласната музика. Една светла автомобилчина од најнова марка се заби во исто таква блескава машина на четири тркала, паркирана пред најгласното кафуле. Оттаму, редејќи пцовки, истрча младич со средена фризура, без маска, со лице што почнало да се шири, во придружба на другари; од автомобилот скокна младич, со средена фризура, без маска, кој пребирајќи по џебовите извади мобилен. Почна препознатлива скопска возачка караница што собра одоколу уште десетина сеирџии.
Многу ретките примероци на човечкиот род од моја возраст по сообраќајниот инцидент некако ми исчезнаа од видокругот. Освен еден, кој потрчувајќи се обиде да се измолкне во соседната темна уличка. Иако беше прикриен од маската и мракот, ми се причини дека му го уловив погледот – како на преплашен банкарски службеник пред пиштолот на ограбувачот. Тогаш ми дојде мошне неочекуваната помисла – човекот е гимназиски професор во пензија.
Подоцна ми текна зошто: во краткиот расказ „Велосипедист“, односниот граѓанин е пресретнат од група демонстранти, средношколски професори, кои протестираат поради ниските плати, „во изветвени, претесни сиви палта, во кои веројатно одат и на работа, во училиште, осиромашени госпоѓи и господа просветари“. А ако дочекаат пензија, што ги чека? Како се снаоѓаат сега, во корона-окупацијата, генерација над 60 години со ниски пензии, затекнати од пандемијата, дали се уште поосамени и поизгубени?
Инаку, велосипедистот од расказот исто така претрпува сообраќаен инцидент. И тоа не како сведок, туку како учесник. На него налетува „едно бело ’пежо кортина‘ во полн залет чкрипаво закочувајќи на три сантиметри до него: – Пичка ти материна, будало пијана! – завика грубијанот зад воланот, натопен во парфеми и со позлатен ланец околу вратот“.
Нема да ви прераскажувам што се случува понатаму. Само велосипедистот, во никој случај, не беше пијан. Но лут – да!