Збирката раскази „Во главата слушам песна“ од Елизабета Баковска, објавена во едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“, деновиве беше промовирана. За книгата зборуваше Калина Малеска.
Книгата „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“ е збирка од 49 кратки текста што функционираат на повеќе нивоа. Од една страна, тие можат да се читаат како кратки, речиси микрораскази, со наративна структура, но и со силен лирски призвук. Лириката во нив е дополнета со музичката подлога врз која се гради (или на која асоцира), преку музичката нумера, „лирскиот рефрен“ цитиран под секој од нив. Од друга страна, овие текстови се и интимни, речиси дневнички, автобиографски записи од животот на авторката, сеќавања од нејзиното детство, од нејзиниот живот и од животите на нејзините блиски (родителите, децата).
Напишани се најчесто во прво лице, па од трета страна, изгледаат и како интимен дневник на размисли, слики и звуци, дополнет со песнарка (доколку читателот реши не само да го чита, туку и да ги слуша цитираните нумери). И на крајот, обраќањето во второ лице, до родителите, до децата, до љубовниците и пријателите, овозможува овие текстови да се читаат и како писма до блиските (и оние живите и оние мртвите), во кои авторката зборува за споделените импресии, заедничките искуства и емоциите. Напишана на прагот на педесеттата година на авторката, книгата е и една фрагментирана биографија, рекапитулација на некои настани, слики и звуци, кои оставиле најдлабоки траги на нејзината личност.
Елизабета Баковска (1969) дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност.
Докторирала на тема од областа родови студии на институтот „Евро-Балкан“. Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. На македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ, Давид Албахари. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик.