СТУДИЈА НА ХОЛАНДСКАTA АВТОРКА МИНЕКЕ ШИПЕР

Минеке Шипер е авторка на повеќе научни книги од областа на меѓукултурните книжевни студии. Нејзината нова книга „Рајски ридови: Историја на моќ и немоќ“ ја истражува машката врска со женското тело од праисторијата до движењето „Ми ту“.
Наградуваната холандска писателка и научничка ги истражува ставовите на мажите кон женското тело, а во ова свое дело се занимава со усната традиција, поговорките, народните изреки и митови, поврзани со жените. Ова е исто така предмет на нејзината најпозната книга „Никогаш не земај жена со големи стапала“, за која во 2004 година ја освои наградата „Еурека“ за научна книга најдостапна за пошироката публика.
Книгите на Минеке Шипер се преведени на многу јазици и таа е гостин- предавач на универзитетите низ светот. Родена во 1938 година во Холандија, каде што дипломира компаративна книжевност и филозофија, Шипер работи неколку години на Универзитет во Конго како професорка по француска и африканска литература. Од 1988 година е вработена на Слободниот универзитет во Амстердам во Холандија како професорка по интеркултурни книжевни студии. Работела на Универзитетот во Лајден од 1993 до 2008 година. Авторка е на три романи.

Во „Рајските ридови: Историја на моќ и немоќ’, Шипер ги истражува културите низ историјата за да ја опише сложената врска на мажите со женското тело. И покрај симбиотската врска меѓу половите, мажите отсекогаш имале поголема моќ од жените, а во основата на сето тоа, според Шипер, лежи анатомијата. За својата теза, Шипер наоѓа траги во уметноста, литературата и популарната култура, од Античка Месопотамија, јапонските митови, грчката митологија, Талмудот, преку Викинзите и богатата уметност на династијата Минг до движењето „Ми ту“.
Оваа книга ни ги отвора очите и покажува како свесно или несвесно ги одржуваме стравовите во секојдневните односи. „Рајските ридови“ е дело на авторка-ерудит, богато со книжевно-историски анегдоти и нови сознанија за полето на феминизмот.