Независната сцена е единственото нешто што нѐ поврзува со цивилизираниот свет, а сѐ уште во оваа земја постои парадокс, таа се случува најсконцентрирано и најдобро во Скопје, додека на локално ниво е комплетно непозната, освен во некои одделни градови, но и тоа е повторно вид комерцијала, која е далеку од независната сцена, смета мултимедијалниот уметник Глигор Кондовски
Глигор Кондовски, музичар, режисер и фотограф
Мултимедијалниот уметник и наставник Глигор Кондовски, минатата година за својот документарен филм „Јас ќе си пеам“ освои гран при на Државниот фестивал за непрофесионален филм. Го сврте вниманието на јавноста и со самостојна фотоизложба, но и со новите музички албуми во издание на „Шарла“. Најавува нови изложби, а меѓу другото укажува и дека пандемијата само ја дополни не толку добрата ситуација со која се соочуваше нашето образование, а секако и културата.
Глигор Кондовски дипломирал на Факултетот за музичка уметност, отсек виолина, и на Факултетот за драмски уметности при Тетовскиот универзитет, филмска и ТВ-режија. Магистрирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, филмско и ТВ-сценарио. Работи како наставник по виолина во државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово, каде што и живее. Како успешен педагог освоил и неколку меѓународни и државни награди.
Специфичниот кризен период со пандемијата, во кој се најдовме сите, нѐ доведе до различни ситуации, но сепак некои од уметниците, во кои спаѓате и вие, продолжија со своето творештво. Како го доживувате кризниов период?
– Пандемијата навистина им направи проблем на културните настани. Беа затворени сезони, фестивали, културни институции, па и образовните исто така претрпи малку поразителен период. Самото изненадување нѐ доведе да треба веднаш да се реагира за да не пропаднат некои настани и многу од нив се префрлија онлајн, исто така и училиштата со онлајн настава. Но често кажувам дека ние и пред пандемијата имавме проблеми, како во општествено-културниот така и во образовниот систем на живеење. Сето тоа е поврзано. Образованието трпеше реформи, кои не се синхронизираа со практичниот дел на педагошко-воспитниот момент, а тука го вклучувам и основното музичко образование, кое моментално со овој систем на образование не дава плодови. Сега се соочуваме со некаков несозреан „капиталистичен“ синдром што не содејствува со цивилизираниот свет и го копираме најлошиот сегмент на општествени парадигми на демократијата на кои во голема мера дебело ќе си ги платиме лошите генерации на ученици. Но ние имавме проблеми на дискриминација и непотизам кон детето уште во раните 1990-ти години, така што и тука има одговор како бумеранг на неодговорените прашања за падот на образовниот процес во оваа земја, со тоа и бегање од државата. Јас сум за технологијата и напредокот, но не на начин каков што ние им го презентиравме на нашите деца, а пандемијата само ја дополни не толку добрата ситуација со која се соочуваше нашето образование, а секако и културата како поврзаност во социјално-општественото јадро, во начинот на живот и соочувањето со цивилизираноста како непозната идеја и несинхронизација на истото тоа. Интегритетот на наставникот е сведен на најдолно ниво, не се почитуваат неговите права и постапки, а наспроти тоа имаме родители што не соработуваат и како одговор на сето тоа имаме ученици што се изгубени во времето и просторот, кои не ги спознале вредностите на општествениот, културниот и социјалниот начин на живот за да прават разлики и да созреваат во профили на луѓе корисни за оваа земја.
Минатата година во Тетово се претставивте со две самостојни изложби на фотографии, а годинава во градот треба да имате уште една, но и една изложба во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија. Што содржеа ланските изложби, а што подготвувате за годинава?
– Во 2018 година направив прва самостојна изложба на фотографии во Србија под наслов „Обични профили“, следната година, прва самостојна изложба на фотографии под наслов „Тетово џез-моменти“, со фотографии создадени од Тетовскиот џез-фестивал, со поддршка на Министерство за култура. Во 2020 година, пак, ја имав втората самостојна изложба „На сцена“, која ја поддржа Министерство за култура. Министерството ги поддржа и двете самостојни изложби за годинава, од кои едната е во Музејот на тетовски крај во Тетово и е со наслов „Сфера“, а втората, е истата изложба од 2018 година, „Обични профили“, која ќе биде прикажана во Културно-информативниот центар во Софија, по покана од мојот професор и директор на центарот, Сашко Насев. Таму со мене ќе настапи и Тимко Чичаковски на традиционалниот инструмент канон. „Обични профили“ се фотографии на баби, дедовци, деца, бездомници… луѓе што се жртви на капитализмот, а беа и жртви на транзицијата. Преостанатите се изложби со фотографии од Тетовскиот џез-фестивал што се одржува секоја година.
Задоволен ли сте од досегашната поддршка на вашите проекти од Министерството за култура, но и од соработката со познатиот музички издавач „Шарла“ од Скопје, кој лани и годинава ви објави два албума?
– Генерално сум задоволен, но и незадоволен од Министерството за култура. Имаат преголема бирократија. За некои мои проекти ми одобриле добра сума како што прилега за поддршка, а за проекти што не требало да ги поддржат со поголема сума, тие ми одобриле повеќе од што е потребно. Наспроти тоа, проекти на кои ми биле потребни повеќе пари, не ми одобриле ниту 50 проценти од сумата. Треба да се посвети внимание на тоа како се решаваат тие критериумски поделби на средствата според проектите. На некои многу неквалитетни проекти одат многу пари, а со тоа навистина не станува збор за поддршка, туку за чиста заработка, наспроти проектите на кои навистина им е потребна поголема парична поддршка, а да не споменуваме и многу квалитетни проекти што не се одобрени. На пример, многу проекти од областа на класичната музика не се доволно поддржани. Многу класични уметници посветуваат месеци и години да го подготват материјалот на кој работат, а Министерството им одобрува мала сума затоа што треба да поддржи некоиси популарни пејачи или проекти поврзани со народната музика. Јас немам ништо против нив, но сепак се знае каде се вистинската уметност и догмите на критериумите во културата на едно општество. Истото важи и за театарот, и за преостанатите сфери. Затоа пред сѐ, критериуми.
Јас имам веќе шест музички албуми. Првите три албуми ми се издадени за странски издавачки куќи, додека последните три се за македонската независна издавачка куќа „Шарла“, со продуцентот Давид Ангелевски. Последните три албуми се сосема нешто различно од првите три. Аудиториумот што не е многу голем, за жал, обично музиката ја доживува како визуелна. Самата амбиенталност и аудитивност создаваат визуелност и многу често слушателите си ја доживуваат како приказна, затоа што албумите и носат приказни во себе исто како и другите уметности. Инаку, за „Шарла“ имам и две композиции во соработка со „Гала“ и посебен проект со две амбиентални композиции насловен „Ерствајлсаунд“. Ова е комплетно дел од независната сцена во Македонија и како таква таа не припаѓа на ниту еден комерцијален еталон. Но може да биде доколку медиумите би посветиле повеќе време на култивизација на народот во оваа земја, народот би изградил свој вкус, нема да лута и ќе прави разлики во тоа што сака, а што не сака. Јас лично немам никаков проблем со сите аудиции на балканска популарна музика каде што родителите ги праќаат своите деца, туку сметам дека медиумите треба да отстапат простор и време и за уметноста за да се запознаат и со нешто различно, а би рекол и подобро. Увото и окото можеме да ги созрееме преку мислата, ако им го овозможиме тоа.
Работевте ли и на полето на филмот за време на пандемијава?
– Работев на еден документарен филм пред пандемијата, а за време на пандемијата на краток филм со наслов „Белешка“, кој веќе и се појави на филмски фестивали во Индија и во Италија. Темата е поврзана со пандемијата, најмногу се однесува на оние стари луѓе, родители, баби и дедовци, кои не ги испративме достоинствено во вечноста, затоа што беа забранети погребите и луѓето не можеа да се простат како што доликува.
Во однос на веќе познатата, недоволна поддршка на културата и уметноста на државно и на локално ниво во земјава, сметате ли дека е повеќе од неопходно да се зголеми спонзорирањето од различни извори во тие области и какви се вашите практични искуства на тој план?
– Политикантството ја уништува уметноста во нашата земја, затоа што се злоупотребува на најдолен можен начин. Не е лошо да си член на политичка партија доколку се пронаоѓаш во нејзината идеологијата и сакаш да бидеш дел од политичката сцена во една демократска земја, но не и да бидеш во политичка партија само затоа што таа ти ветува вработување. Кај нас хегемонистичкиот пристап е присутен речиси во секоја политичка партија. Кога ќе дојде една партија на власт сака да ѝ врати на претходната партија што била на власт, и обратно. Многу квалитетни кадри затоа што се партиски членови на партија, која не е на власт, се заменети со партиски членови што се на власт, а немаат квалитет. Со таков пристап трпи и културата, а и уметноста. Сѐ уште имаме кланови со фашизоиден пристап и манипулативно наметнување и игнорантност, која преминува во најдолно ниво на култура.
Уметноста е злоупотребена, како и многу други професии, а тоа значи дека не треба да гледаме кој е и што е, туку дали е квалитетен и што придонесува за заедништвото на државата, и како квалитетен да го задржиме во земјава. Сите што имаат ставови се замолкнати. Квалитетните заминаа, а критериуми нема за ништо. Организациите и невладиниот сектор сѐ уште останаа да ги прават најдобрите настани во оваа земја, сѐ друго е „клише“ и запоседнување на медиумскиот простор од страна на медиокритети, ништо што може да придонесе за развивање на културното битисување, како на локално така и на државно ниво. Независната сцена е единственото нешто што нѐ поврзува со цивилизираниот свет, а сѐ уште во оваа земја постои парадокс, таа се случува најсконцентрирано и најдобро во Скопје, додека на локално ниво е комплетно непозната, освен во некои одделни градови, но и тоа е повторно вид комерцијала, која мислам дека е далеку од независната сцена.