Оваа година Денот на џез-музиката, 30 април, ќе биде одбележан на малку поинаков начин. Здружението на џез-музичари ќе приреди концерт на својата фејсбук-страница преку онлајн видеостриминг, како и на страницата на Град Скопје и на Младинскиот културен центар. Утре, во текот на целиот ден, ќе имаме можност да проследиме неколку концерти на врвни македонски музичари и групи: соло-настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.
Ќе имаме можност да слушнеме и настап на ЗЏМ колектив – комбо-ансамбл, составен од изведувачи што се членови на Здружението на џез-музичари. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот.
Перкусионистот Антоние Весковски ќе настапи со песни од својот албум „Wonderland“, кој набргу треба да биде објавен. „Кабадајас“ ќе изведат композиции од нивните два студиски албуми, како и нов материјал, кој е во подготовка за снимање, додека на концертна изведба на „Зулу 3.4.“ ќе слушнеме композиции од нивните два студиски албуми „FM to AM“ и „Expandability“. Концертот на бендот „Светлост“ ќе претстави дел од нивниот композиторски и изведувачки опус, како и нови композиции, но и музика што спонтано ќе произлезе од нивните креативни мигови.