„Свети Јероним се моли во дивината“ изложено во музејот „Метрополитен“ е недовршено ремек-дело од перфекционистот што не сакаше да каже „готово“
Петстогодишнина од смртта на Леонардо да Винчи ќе донесе големи случувања во Париз есенва, а Њујорк исто така ужива во дел од фамата со отворањето на изложбата во „Метрополитен“, на која е претставено една од најсуровите и најемотивни слики од канонот на Леонардо.
Леонардо бил ѕвезда од самиот почеток. Според историчарот на уметноста од 16 век, Џорџо Вазари, неговите современици го сметале за страшно привлечен. Вазари го нарекува „божествен“ најмалку десет пати во биографијата за Леонардо. Генијален, прекрасен, умен и секогаш облечен по последна мода, тој имал став на принц и остар филозофски ум. Во неговата долга кариера како уметник, архитект, научник и пронаоѓач, елеганцијата и талентот се соединиле за да го израмнат неговиот пат од руралната Тоскана, каде што бил роден во 1452 година, па до Милано и Рим, и до Франција каде што му бил уметник-миленик на кралот Францис Први, а таму и умрел во 1519 година. Но тој негов начин на размислување му донел и проблеми. Во основа, пред Леонардо да направи нешто, тој морал да знае сѐ: како неговите бои и лакови биле направени, како човечкото тело е внатрешно структурирано, и што би можело да значи создавањето на уметноста во космичката шема на нештата. Како што ќе забележи Вазари, сево ова значело истражување, експериментирање, многу разговори и долги серии на тивко размислување и преиспитување. Во биографијата, тој му дозволува на самиот Леонардо да објасни дека „кога најголемите гении работат помалку, тие всушност постигнуваат повеќе“. Сликата што ја отвори новата сезона во „Мет“, „Свети Јероним се моли во дивината“, позајмена од музеите на Ватикан, е една од тие негови недовршени слики. Веројатно е започната околу 1483 година, и веднаш се гледа дека станува збор за дело што сѐ уште е во прогрес: внимателно насликана на едно место, а несмасно замачкана боја на друго. Нецелосноста е дел од нејзината моќ. А оваа слика и тоа како е моќна, како драматично богата како опера во три чина, со арија со полн гас со жестока болка во нејзиниот центар. Еднакво важно, неговата незавршена фаза е формално поучна. Тоа ни овозможува да го видиме одвлеченото внимание на Леонардо и неговото темпо тргни-застани во акција.
Оваа слика е едно од десетина негови дела широко прифатени без никакво сомнение. На неа е прикажан ранохристијански светец, кој по самоказнувачки престој во пустина како аскет, оди во Рим каде што живее со години и го насочува своето внимание на преведувањето на Библијата од хебрејски и грчки на латински. Многу ренесансни претстави на Јероним (347-420 г.) го прикажуваат ангажиран со работа, обично придружен од заспан лав, кој на некој начин претставува негов придружник за емоционална поддршка. Атмосферата на ваквите слики најчесто е пријатна. Но со сликата на Леонардо тоа не е така! Овде светецот и ѕверот се нескротливи. Ова е Јероним во дивината, или можеби оној што умира далеку од Рим во пештерата, која се протегала во близината на Витлеем. Остарен, речиси без заби и изгорен од сонце, тој држи камен во неговата истегната десна рака, како да сака да се удри во градите. А покрај неговите стапала е лавот, елегантен, алармантен, со опашка свиена како сабја и уста отворена во рик.
Не знаеме зошто, или за кого била сликата направена. Кармен С. Бамбах, кураторка во „Мет“, која ја организира изложбата, претпоставува дека таа била започната набргу по преселбата на уметникот од Фиренца во Милано. И покрај тоа што таа го одразува фирентинскиот стил на Леонардо – и има мала скица за тоа што може да биде тосканска црква во горниот десен агол – насликана е на панел од орев, дрво што најчесто се користи како подлога во Милано, но многу ретко во Фиренца. Конзерваторите нашле докази дека Леонардо ја прекинал работата многу рано и повторно ѝ се навратил подоцна, и тоа можеби повеќе од еднаш. Стоејќи пред сликата, која виси во центарот на затемнетата галерија во крилото „Леман“ на њујоршкиот музеј, можете да почувствувате слоеви на немирна активност. На некои места сликата никогаш не се поместила надвор од прелиминарната фаза. Лавот е само силуета со слаби внатрешни детали и е само грубо поставен на своето место. Истото важи и за раката на Јероним со која држи камен. Но почнувајќи веднаш под рамото, сѐ се менува. Месото одеднаш добива засенчување, се развива мускулатурата. Овој натурализам се шири кон лицето, конструкцијата на мускул и коска веднаш потсетуваат на Леонардовите аутопсички цртежи. Дури и во рамките на оваа клиничка прецизност, одредени линии се тешки за читање. На прв поглед, очите на светецот се чини дека се свртени надолу. Всушност, тие се насочени нагоре кон скица на крст во профил. И, воодушевувачки, веднаш зад светецот, се појавува замаглен пејзаж, кој на оваа темна сцена ѝ носи освежување со боја – небесно сина, зелена… Во приказот на лицето и торзото на Јероним, ги гледаме на раката и окото на анатомот Леонардо. Во пејзажот го гледаме Леонардо натуралистот, ботаничарот, надгледувачот на времето, вљубеникот во светот. Сепак, вистинскиот фокус на сликата е агонизираното лице на Јероним. А нејзиниот вистински субјект е духовната тага.
Она што го знаеме е дека Леонардо ја чувал сликата кај себе додека не умрел, а потоа ја презеде друга историја. Кон крајот на 18 век и почетокот на 19 век, швајцарската сликарка Ангелика Кауфман (1741-1839), која во тоа време живеела во Рим, го купила делото. Во одреден момент, парчиња биле исечени од панелот – веројатно со идеја за продажба на повеќе завршени делови – но потоа повторно биле собрани. На изложбата во „Мет“, благодарение на осветлувањето, можат да се забележат поправните линии околу главата на светецот.
Зошто Леонардо ја оставил оваа и други слики недовршени, не можеме да знаеме. Бамбах, која го организира истражувањето на цртежите на Леонардо во 2003 година и чија амбициозна студија од 4 тома наречена „Леонардо да Винчи повторно пронајден“ ќе излезе од печат кон крајот на овој месец, сугерира дека одговорот може да лежи во неговата немилосрдно љубопитна личност. И тука таа се согласува со Вазари, кој напиша: „Длабокиот и прониклив ум на Леонардо беше толку амбициозен што тој самиот беше пречка; и причината поради која тој не успеа беше затоа што се обиде да додаде совршеност на совршенството. Како што рекол нашиот Петрарка, желбата ја надминува изведбата“. Резултатот, како што тврдат и двајцата историчари, е уметност, која, свесно или на друг начин, му дава привилегија на процесот, а не на завршницата – на експериментот, а не на резолуцијата. Немањето потреба да каже „готово“ претставувала комфорна зона за Леонардо.