Меѓу 79 уметници избрани за централната изложба се најдоа 16 американски, а по бројот предничат и Франција (шест), Кина, Велика Британија, Германија, Индија, Јужна Кореја… Меѓу уметниците на централната изложба се и некои од ветераните, како: Кристијан Маркли од САД, добитник на „златниот лав“ на 54-то Биенале, Розмари Трокел, која ја претставуваше Германија во 1999 година, како и уметницата Хито Стејерл, исто така од Германија. Повеќе од третина од учесниците се родени во 1980-тите години или подоцна

Организаторите на 58-то Биенале на уметности во Венеција на прес-конференција во петокот ја објавија листата од околу 80 уметници што ќе учествуваат на централната изложба „Да живеете во интересни времиња“, меѓу кои најмногу се американски, а само неколку од Југоисточна и од Источна Европа. Уметничкиот директор на Биеналето, Ралф Ругоф, и претседателот, Паоло Барата, ги претставија програмата и учесниците на оваа најстара меѓународна биенална изложба на која ќе бидат застапени 90 национални павилјони. Првпат ќе се претстават Алжир, Гана, Мадагаскар и Пакистан, а Доминиканската Република и Казахстан првпат ќе имаат самостојни павилјони.
Во Венеција беа и претставници на Музејот на современата уметност, директорката Мира Гакина и кураторката Јованка Попова.

Меѓу 79 уметници избрани за централната изложба се најдоа 16 американски, а по бројот предничат и Франција (шест), Кина, Велика Британија, Германија, Индија, Јужна Кореја… Меѓу уметниците на централната изложба се и некои од ветераните, како: Кристијан Маркли од САД, добитник на „златниот лав“ на 54-то Биенале за „Илуминации“ (2011), Розмари Трокел, која ја претставуваше Германија во 1999 година, како и уметницата Хито Стејерл, исто така од Германија. Од помладата генерација познати уметници во Венеција ќе бидат: Јон Рафман, Неил Белоуф, Авери Сингер, Ед Аткинс…), а повеќе од третина од учесниците се родени во 1980-тите години или подоцна.

Иако Ругоф истакнува дека уметниците се избрани од целиот свет, забележливо е скромно присуство на автори од Југоисточна и од Источна Европа.
На централната изложба нема уметници од просторите на поранешна Југославија, а застапени се Андреас Лолис (1970) од Албанија, која живее и работи во Атина, како и романската уметница Андра Урсута (1979), која живее и работи во Њујорк. Нема ниеден уметник ни од Русија, а меѓу ретките уметници од Источна Европа е Мариа Лобода (1979) од Полска, која живее и работи во Берлин, како и Жана Кадирова (1981) од Украина.

Земјите од поранешна Југославија се претставуваат во националните павилјони: Босна и Херцеговина ја претставува уметницата Даница Дакиќ со проектот „Зеница – трилогија“, Хрватска – Игор Грубиќ со проектот „Траго на исчезнување (во три чина)“, Црна Гора – Веско Гаговиќ со проектот „Одисеја“, Србија – Ѓорѓе Озболт со „Враќање на загубата на меморијата“, Словенија – Марко Пелјхан со проектот „Хир ви гоу аген“, а Македонија со Нада Прља и проектот „Субверзија во црвено“. Косово ќе се претстави со приштинскиот уметник Албан Муја и „Семеен албум“.

– Насловот на 58-то Биенале на уметноста „Да живеете во интересни времиња“ е заснован на старата кинеска клетва што се однесува на период на несигурност, кризи и превирања – на „интересно време“, точно онакво какво што е ова што го живееме денес. Во моментот кога дигиталната дисеминација на лажни вести и алтернативни факти ги кородира политичкиот дискурс и довербата од која тој зависи, вредно е да се паузира кога е можно и да се преиспитаат нашите референтни поими – наведе Ругоф, директор на лондонската галерија „Хејворд“, по повод 58-то Биенале, напоменувајќи дека насловот не ја нагласува оваа тема сама по себе, туку општиот пристап кон уметноста и погледот на нејзината општествена функција, како во поглед на задоволството што го нуди така и во смисла на критичкото мислење.

Според македонската уметница Нада Прља, која ќе ја претставува Македонија на Биеналето, темата „Да живееш во интересни времиња“ претендира да се разбере потенцијалот на уметноста како метод за да ги дознаеме работите што не ги познаваме – работи што се надвор од границите, надвор од нашиот дострел или недостапни од разни причини.

– Намерата на кураторот Ралф Руголф е да истакне уметнички дела што ја истражуваат меѓусебната поврзаност на различните феномени и кои даваат афинитет кон идејата, дека сè се поврзува со сè друго. Тргнувајќи од социополитичките состојби од 20 век, нивните основни премиси и верувања, проектот „Субверзија во црвено“ преку културолошко-уметничка редефиниција од модерната, а преку метод на експериментирање и адаптирање, создава уникатен начин на израз низ предложени дела, рецентни во современата интернационална уметничка и културна сфера. Проектот ја поддржува основната идеја на кураторот Ралф Ругоф дека можеби уметноста може да биде еден вид водич за тоа како да се живее и да се размислува во „интересни времиња“ – вели Прља.

Биеналето ќе почне на 8 мај, а официјалното отворање е на 11 мај со церемонија за доделување на наградите. Посетителите ќе можат да го видат до 24 ноември.
На 57-то Биенале на уметноста за најдобар павилјон беше прогласен германскиот со проектот „Фауст“ на уметницата Ана Имхоф, а и „златниот лав“ на централната изложба „Вива арте вива“ го доби германскиот уметник Франц Ерхард Валтер.


Нада Прља подготвува перформанс и документарно видео

Уметницата Нада Прља во моментов се подготвува со проектот „Субверзија во црвено“ да ја претставува Македонија на претстојното Венециско биенале. Проектот се базира на постојната историска граѓа, тргнувајќи од социополитичките состоjби од 20 век до културолошките моменти од историјата на модерната. Историските моменти се преработени преку експериментирањето и адаптирањето, создавајќи нов уникатен израз. Овој проект, според својата основна идеја, е истражувачки и се состои од повеќе делови, т.е. уметнички дела, кои користат различни уметнички и неуметнички методи и медиуми, како на пример дискусија во форма на перформанс (проектот „Црвена дискусија“), документарно видео од перформанс, инкорпорирање на веќе постојни и историски значајни уметнички дела од модерната, како на пример на великаните на македонската уметност Лазевски, Грабуловски и др., како дел од вториот проект.
Нада Прља има реализирано околу 20 самостојни и 95 групни изложби. Изложувала во референтни музеи и галерии: „Кремс Кунстхал“ во Кремс, Австрија, „Луис Глуксман галери“ во Корк, Ирска, „Палас де Токио“ во Париз, Франција, „Музеум Сзтки“ во Лоѓ и во Националната галерија на уметноста во Варшава, Полска, потоа во реномирани приватни галерии и фондации: „Вајт кјуб“, фондацијата „Калверт 22“, фондацијата за уметност „Дејвид Робертс“, трите во Лондон… Во Македонија, во МСУ и Националната галерија, имала самостојни изложби и во истите музеи била дел на групни изложби неколкупати. Учествувала на шест биеналиња, по покана од еминентни ликовни професионалци: Артур Жмијевски (најпознатиот современ полски уметник) и Јоана Варша (кураторка и предавачка на Ликовната академија во Стокхолм) за Берлинското биенале, покана од Калед Рамадан и од Алфредо Крамероти (директор на галеријата „Мостин“) за „Манифеста“, покана од Аленка Грегорич (уметничка директорка на Градската галерија на Љубљана) за Графичко биенале во Љубљана.
Куратор советник на нејзиниот проект е Тевж Логар од Словенија, звучно име во уметничкиот свет, кој веќе неколкупати учествувал на престижното Венециско биенале на уметноста.