Значи, на таа журка, Мери е на „подиумот“, меѓу танцувачите, се разбира, насреде групата, а тој, како и обично, меѓу осамените и вознемирените на седиштата од скај. Облечена е во портокалова кошула со мала јака и бели латинични букви по неа, долу – браон мини-сукња со две широки фалти однапред и ремче со златна тркалезна алка.
Подоцна, кога Слиш го пушта „Прокол Харум“, се осмелува да ја покани за танго. Тоа што се знаат толку години, од времето на Ками Лица и детските велосипеди, не го прави воопшто лежерен, напротив, му се чини дека со годините нејзината дрскост пораснала во иста мера со неговата смотаност. Сигурен е дека има многу поголемо љубовно искуство од него (што, искрено речено, не е ич чудно!). На кошулата, под пазувите ѝ се направиле влажни дамки од пот од претходното џускање, сѐ уште дише забрзано, но и понатаму ѝ се танцува (дали затоа што е свесна дека е главна на журката и дека сите, отворено или затскриено, зјапаат во неа), па, така, и тангото го игра побргу отколку што треба, повремено дури подрипнувајќи го забрзува ритамот.
Тој ја следи прилично здрвен, одвоен од нејзиното разиграно тело, чекорите ги влече по шема, а неправилно, како да не знае накаде треба да се движи, додека таа забрзува, тој подзапира, и за цело време дрдори, нешто без врска, а таа, му се чини, му возвраќа со смеа, не слушајќи го (сигурно ѝ е здодевен!), но, за чудо, не се одделува од него кога песната завршува, туку чека, со рацете околу неговиот врат, да започне следното танго. Го погледнува, сѐ уште насмеана. Забележува дека ѝ се прават дупчиња на образите. Слиш го пушта Nights in White Satin. – Мраз ти се рацете – му шепнува. – Мислам дека се плашиш да бидеш со некого. – Со кого? – Па, на пример, со мене. И најочекувано, колку таа повеќе се притиска, се залепува до него и дланките на неговите плешки ѝ стануваат сѐ пожешки, толку пак го преплавува мислата дека усните веќе му се навлажиле од плунка, зашто лачењето неумерено тече кога почнува да мисли на бакнувањето, кое речиси сигурно следува за време на тангата во Клубот, а тој сѐ уште не умее да се бакнува со јазик, односно не му е јасно што треба тогаш да се прави со јазикот, едноставно ништо не може да стори оти такви се работите, кога таа му ги приближува усните до неговите и пак нешто му шепоти, нешто нејасно (и што сега!?), се искривува зашеметен, испотен и ја прифаќа таа лепенка на усните, која се подотвора за да му го шмукне јазикот што тој го подава невешто како да се плази…
* * *
По бакнежите на журката, тој тргнува да ја испрати. Слегуваат, топуците на нејзините чизми одѕвонуваат при секое подолно скалило. Се обидува да ја гушне, но таа му ја запира раката: – Тесно е, ќе се препнеме… Кога ја отвораат влезната врата на зградата, однадвор надоаѓа студ со мирис на влага. Доцна во ноември дождовите, и кога не паѓаат, долго оставаат барички по улиците и мирис на мувла по влезовите. Таа му вели: – Паркот е близу. Сакаш да одиме таму?
Рингишпилите во лунапаркот висат беспомошно како да им останал само уште по еден, последен синџир. Мери го повлекува кон една од клупите, вовлечена повнатре, меѓу грмушките, кога седнуваат, ја опчекорува својата лева преку неговата десна нога. Нејзиниот јазик веќе работливо му се врти низ устата, и иако го боцка позлатената алка од нејзиното ремче, нозете му треперат како полудени (од сласт? од страв?), а меѓу нив се дига и потскокнува набабрената печурка. Со плункави усни, вцрвенет (веројатно), ја спушта главата меѓу нејзините дојки (така би требало!), точно меѓу буквите m и l, обидувајќи се да ѝ ја откопча кошулата. Едно од копчињата се кине (нормално!) и се истркалува, удирајќи еднаш по клупата, во бесшумната прегратка на тревата. И што да се прави сега? Што? Но таа, без да чека, преку панталоните му го опфаќа дигнатиот пенис со претоплата дланка, чии жешки движења горе-долу го пробиваат платното. Во истиот миг, тој прснува (но зошто така?!). Додека таа продолжува да го гали, пенисот му клапнува во сурле, а лепливата сперма му се размачкува по гаќите.
Во баричката пред клупата, неговиот изгубен поглед се соочува со неколку шишарки отфрлени во калта. Има чувство дека треба да исчезне оттука, од оваа претопла, задишана девојка со раскопчана кошула, со едно откинато копче, од раскашавениот, пуст парк, од својата недоречена, недолична појава.