Најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски изминатава недела беше во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан, Кина, заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и со култниот американски режисер Абел Ферара. Ипер беше на чело на 7-членото жири со врвни светски филмски професионалци, на фестивалот што се одржува на кинескиот туристички остров Хаинан, познат и како кинески Хаваи.
Ова е нов фестивал, лансиран минатата година со ѕвездите Џони Деп, Жилиет Бинош, Мадс Микелсен, Николас Кејџ и Џеки Чен, а на годинашното второ издание на црвениот килим прошетаа и холивудската ѕвезда Итан Хок, иранскиот оскаровец Асгар Ферхади, оперската дива Сара Брајтман и голем број азиски филмски и музички ѕвезди. Куриозитет на фестивалот е тоа што филмските проекции се одржуваат на отворено во огромното гледалиште на една од најпознатите азиски плажи во градот Санја. Фестивалот привлече големо медиумско внимание од азиските и светските медиуми.
Манчевски и колегите ја оценуваа главната селекција од 13 меѓународни филмови, а наградата „златен кокос“ му ја доделија на кинескиот филм „Балон“. Кинеските медиуми пренесуваат дека претседателката на жирото Изабел Ипер рекла дека филмот е нејзино семејство и дека иако сите сме од различни култури и земји, сите сме обединети кога станува збор за уметноста, а Манчевски рекол дека за еден филм единствено е важно да ти го допре срцето.