Режисерката Ана Андонова, која обожава кога идејата од главата ќе си ја види на екран, вели дека во сите филмови протагонисти ѝ се децата бидејќи тие поинаку гледаат на светот. Смета и дека нивниот начин на размислување има голем филмски шарм
Ана Андонова, режисерка
Ана Андонова е режисерка во подем. „Малечка“ е последниот нејзин филм, кој раскажува приказна за две храбри сестри, Кети и Љиљана. Кети има своја маалска другарка, но конзервативното општество во кое живеат не дозволува да се има такво пријателство. Тоа општество исто така смета дека Љиљана мора да се омажи со човекот што ја оставил бремена, без разлика на тоа дали таа го посакува тоа или не. Двете сестри не губат надеж за своите судбини сѐ до самиот ден на венчавката. Филмот неодамна стана финалист на „Ка фоскари шорт фил фестивал“ во Италија. А тоа не е единствената награда и признание на режисерката Андонова.
– Колку што е големо клишето дека самото снимање и создавање филм е најголема награда, толку истото тоа е вистинито. Секако, наградите се уште една потврда дека сте направиле нешто што заслужува внимание да се погледне. Филмот премиерно беше прикажан на Младинскиот филмски фестивал што го организираат Филип Лафазановски и Бојан Таневски, па тоа ме мотивираше да го испратам и на неколку светски филмски фестивали во неговата категорија. Тој успеа да биде примен на неколку фестивали во земји како Португалија, Италија и Америка. Филмот „Малечка“ е мал филм, но има големо срце. Него во една пеколна атмосфера на снимање, која траеше само три дена, го создаде една многубројна екипа што се состоеше од педесетина актери од кои речиси сите беа аматери.
Тоа беше навистина голем предизвик, како за мене така и за снимателската и актерската екипа, бидејќи првпат работевме еден ваков обемен проект – раскажува Ана.
„Секунда до вечноста“, „Огледало“, „Кутија со музика“ се само дел од нејзините кратки филмови.
– Моите филмови ме прават среќна. Поради тоа и почнав да правам филмови уште пред да почнам да одам во средно училиште. Многу сакам идејата што пред неколку месеци ми била во главата сега да ја видам на екранот. Така е со сите мои филмови што досега сум ги снимила. Од тоа што сум го замислила до целосната реализација има и извесни корекции, но во најголемиот дел се држам до замисленото. Освен тоа, ја имам таа среќа да работам со една извонредна екипа на млади актери, кои искуството го стекнуваа во голем број претстави во Детскиот театар во Тетово и кои прекрасно се вклопуваат во моите филмски идеи. Таа нивна искрена глума секогаш на вистинскиот начин допира до публиката – истакна режисерката.
Таа почнува да креира кратки филмови на 14 години, а како помлада настапувала во театарски претстави. Сака филмови од разни жанрови и од нови режисери. Вели дека омилен режисер ѝ е Мартин Скорсезе, можеби најмногу поради филмот „Афтер аурс“, како и Дејвид Линч со филмот „Блу велвет“.
– За филм може да се учи на факултет, на некоја академија или со гледање филмови. Но вистинската филмска школа е правењето филмови, бидејќи на тој начин полесно ги согледуваме грешките што ги правиме, а тие ни се најдобрите учители за во иднина. Во следниот филм нема да ја повториме истата грешка, но ќе направиме некоја нова што исто така ни е потребна за понатаму. Моите филмови се далеку од совршени и не знам дали некогаш ќе направам „совршен филм“ ако постои такво нешто, но тоа не значи дека не ги сакам моите дела. Напротив, тие ми отвориле многу шанси во животот, претставуваат дел од мене и, морам да признаам, честопати си ги прегледувам за свое задоволство – додава Ана Андонова.
Неколку години Андонова учествува на Државниот натпревар за непрофесионален филм, за кој вели дека е вистински стимуланс за млади режисери.
– Мојот прв филм што го направив го пријавив на овој фестивал и бев изненадена од добиената награда поради тоа што не очекував дека сум направила нешто што некој уметнички би го вреднувал. Тој фестивал е најстар фестивал на аматерскиот филм кај нас и до неодамна, мислам дека беше и единствен од таков вид. Мене ми е многу драг и редовно учествувам на него и секогаш се враќам со понекоја награда. Добро е што во последниов период се појавија уште неколку слични филмски фестивали организирани од млади филмски ентузијасти. Ова е вистинскиот начин што повеќе млади луѓе да се заинтересираат за филмот и за неговото создавање, особено во денешно време кога техниката за снимање отиде многу напред и стана достапна за сите – нагласи режисерката.
И покрај нејзиното солидно искуство вели дека никогаш не форсира одредена идеја.
– Ако ми се роди некоја приказна во главата, тогаш одлучувам да ја претворам во филм. Најчесто тоа ми се случува кога слушам музика и кога вистинската мисла ќе ми се погоди во вистинскиот такт од музиката. Ми се создава слика во главата за тоа како би изгледал филмот. Ако ми се допадне таа идеја, понатаму само додавам уште сцени и ги запишувам во сценарио. Во сите филмови протагонисти ми се децата бидејќи тие поинаку гледаат на светот и сметам дека нивниот начин на размислување има голем филмски шарм – ни сподели таа.
Делата на оваа режисерка се интернационално препознаени, но таа додава дека младите филмски автори во нашата земја се крајно занемарени.
– За да се сними некоја идеја, некој филм, требаат финансиски средства, кои во најголемиот дел авторот треба самиот да ги обезбеди. Фондови за снимање аматерски филмови нема, или барем јас не знам за нив, па така голем дел од енергијата на младите автори оди кон „трчање“ по фирми и пријатели за да се обезбеди некој денар. Но такви се сите почетоци. Ако тогаш, на почетокот, успееш да издржиш, и секако ако успееш да постигнеш некој успех, понатаму ќе почне да доаѓаат понуди и одредени финансии. Сепак мислам дека и државата треба повеќе да се интересира за младите режисери и да ја стимулира нивната работа бидејќи кога филмот што си го направил ќе добие некое значајно признание во странство, тогаш државата со гордост вели дека тоа е дело на македонски автор, а таа ни со денар не го помогнала неговиот филм – рече Андонова.
Таа во меѓувреме студира мултимедија на Американскиот универзитет на Европа на ФОН, каде што учи и анимација и вели дека таму ја насочува креативната енергија.
– Уживам во анимирањето иако е доста комплексно и во процесот се чувствуваш доста поосамено отколку кога работиш со цел тим при снимањето игран филм. Од друга страна, пак, анимирањето дозволува поголема слобода во изразувањето. Овој период сум особено возбудена бидејќи треба да работам на еден нов филм. Филмот ќе биде заедничко дело со мојот пријател Педро Фурким од Бразил. Концептот е доста интересен бидејќи половина од филмот ќе се снима во Скопје, тој дел ќе го работам јас, а другата половина ќе ја работи Педро, кој ќе снима во неговиот роден град Саракаба во Бразил. Се надеваме дека до следната година филмот ќе биде готов – навестува Ана.