„Лудвиг“ – роман за писателот меѓу два милениуми (1)

При крајот на 1970-тите, кога дипломирав на светска книжевност, навистина бев заведен од постмодернизмот, убеден дека се случува голем подвиг на полето на литературата, од рангот на оние пресврти кон кои за време на студиите особено се приврзав. Како што порано романтичарите Колриџ, Бајрон и Шели ми изгледаа како хипици, модернистичките прваци Кафка, Џојс или Селин како андерграунд-јунаци, сега бев подготвен книгите на Борхес, Набоков, Калвино, Кортасар, Пинчон… да ги доживеам како луцидни водичи кон еден естетски нов тип литература што ќе ги реформира и пишувањето и читањето. Таа понесеност кон новата лектира завладеа во страсните дискусии „за“ и „против“ низ кафеаните по Кнез Михајлова, факултетските ходници, редакциите на книжевните списанија. Нормално бев „за“, заедно со врсниците Бајац, Великиќ, помладите Пиштало, Јерков. И секако Албахари. Давид беше неоспорно водечка фигура на новата проза, автор на „Судијата Димитриевиќ“, уредник на „Писмо“ и „Книжевна реч“. Кога првпат се запознав со него, еден пролетен ден, под разгранетите крошни на кафулето „Код певца“, бев возбуден како средношколец, со помешани дози восхит и неспокој. А тој сосема опуштен, разговорлив и згоден.

Подоцна, со севкупниот свој книжевен опус, како и со својата преведувачка и уредничка дејност, Албахари изврши, што и ден-денес се чувствува, големо влијание врз развојот на постмодернизмот во бившојугословенскиот регион, но тогаш, кога се запознав со него, тој беше „ѕвезда во подем“, со четири прозни книги зад него, од кои за последната, збирката раскази „Опис на смртта“ (претходни книги: „Семејно време“, „Обични приказни“, романот „Судија Димитриевиќ“) предизвика широк бран млади раскажувачи – читатели што непосредно го прифаќаа неговото водство.
Тогаш пак се покажа дека постмодернизмот умееше да заведува. Беше штосен, а начитан, лудирачки расположен, но и со убиствени синтагми што можат да здрмаат млад литерат. Авангардата често најпрвин се пробива со ставови, потоа со дела. На пример, Крајот на историјата. Или, Смртта на авторот.

Свесни сме дека, и покрај сите политички и комерцијални заложби, ни едното ни другото не се случија. Историјата и Авторот испаднаа многу пожилави отколку што се мислеше. Националната гордост на Балканот подразбира унижување или барем подбив кон другиот, а тоа често не се задржува само на зборот. Од друга страна, божемната (борхесовска) скромност на писателот (всушност нарцис) никогаш не ќе може да се помири со анонимноста, уште повеќе со вреднувањето на неговото дело. Тој може да си игра криенка со воспоставените, (квази)достоинствени, авторитетни вистини, и тоа е еден од најубавите дострели на постмодернизмот, како во совладувањето на книжевните техники, така и во менталната раздвиженост, но еготрипот на писателот е мошне отпорна категорија, што му останува својствен наспроти сите поетички и стилски промени.

(продолжува)