Кон изложбата – јубилеј по повод 110-годишнината од раѓањето на Димче Коцо, „Чифте-амам“, Национална галерија
Димче Коцо е основоположник на македонското музејско наследство, еден од идеолозите на современата ликовна институција и втемелувач на модерната историографија, како основач на Катедрата за историја на уметноста во Македонија при Филозофскиот факултет во Скопје. Но да не остане едно бегло прелистување на познати факти, монолитот на Димче Коцо е многу повеќе од тоа, а за тоа говори творечкиот етос и хетероглосијата на неговите творби, кои и по повеќе од половина век звучат еднакво моќно и убедливо како и некогаш. Неговите општествени заложби имаат фокусирана и концентрирана идеја, во една градбена доба на државниот модел, во согласност со општиот дух на времето, во кое соништата на големите мечтатели за структурирање и ткаење на културните фундаменти на ова наше современие станувале јаве. Една од релевантните забелешки на почитуваниот Драган Бошнаковски е дека во повоениот период на овие простори постоело високо развиено чувство за негување на културното наследство и изразена подготвеност за финансирање на институциите од областа на културата, со што се обележува тогашниот стратегиски интерес на државата за формирање здрави општествени фундаменти, засновани на внимателно одмерени културни политики.
Димче Коцо е прв образован историчар на белградската Катедра за историја на уметноста во 1936 година, а во 1944 станува директор на Народниот музеј во Скопје. Заедно со членовите на Друштвото на ликовните уметници (ДЛУМ), формално основано во 1946, се залага за основање на првата Уметничка галерија (1950) лоцирана во „Даутпашиниот амам“ во Скопје, како проширен (национален) концепт на претходно постојната сликарска галерија „Картина“ (1948). Како член на Уметничкиот совет при Владата на НРМ, заедно со уметниците Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски и првиот раководител на Уметничката галерија, Борко Лазески, Д. Коцо се залага за формирањето на првата национална збирка, реализирајќи го проектот за откуп на ликовни дела од цела поранешна Југославија, зад кој стои државата, одобрувајќи значајни средства за таа намена. Функцијата на откупите од странство не била насочена само кон збогатување на македонската колекција туку форма на дијалог на домашните со регионалните уметнички институции насочен кон афирмација на уметноста во поширокиот релевантен дискурс.
Годината 1969 е запаметена и забележана како година на меѓуинституционалната размена и соработка. Покрај стручниот колегиум на МСУ и Борис Петковски, Димче Коцо, историчарот Антоние Николовски, уметникот Нико Този и писателот Влада Урошевиќ, учествуваат во конципирањето на патувачката изложба „Современа македонска уметност – сликарство, скулптура, објекти“ во Белград, Загреб и во Сараево, претставувајќи ја македонската предвоена и повоена ликовна сцена со 80 дела на 26 автори, за чиј одек даде мислење и тогашната белградска критика. За следната поголема меѓународна изложба во 1977 г., насловена „Современа југословенска уметност“ во националниот музеј „Александрос Суцос“ во Атина, нашата историчарка Соња Абаџиева селектира 19 македонски учесници, меѓу кои и Димче Коцо, застапени помеѓу вкупно 130 дела од целиот бивши југословенски простор. Абаџиева ќе забележи дека се вложени интензивни настојувања за претставување на актуелната ликовна сцена на Македонија, надвор од нејзините граници.
За да ја разбереме важноста на овие подвизи, незаобиколно треба да поставиме неколку прашања. Во кој опсег и во која мера, какви вредности денес афирмираме на национално ниво? Дали државата се грижи за уметниците денес како некогаш, за нивната творечка, но и социјална егзистенција? Зошто се дозволува уметниците што ангажирано ги отсликуваат состојбите на реалните творечки услови да живеат во симулакрумот на општеството и очекувањата? Како функционираат откупите денес? Колку се зголемени збирките на музеите? Колку се видливи депонираните уметнички дела во поширокиот институционален диспозитив? Како функционира современото вмрежување и низ кој филтер поминува уметноста што нѐ претставува надвор од границите на видливите и достапните институционални отчети? Прашањето е какви културолошки насоки се следат и кој ја одредува нивната подобност или релевантност, кога несомнено преовладува принципот на исклучување на повикливите, академските или искуствените тела за вреднување. Дали современите културни политики го разградуваат музејскиот модел, децентрализирајќи ги не само изложбените диспозитиви туку и средствата за покритие на некои од најзначајните институционални активности, како што се откупите. Интенцијата на овие забелешки не е да се митологизираат пост мортем ликот и делото на Димче Коцо и неговите истомисленици и следбеници, туку истото тоа да се препрочита, доследно на расположливите аргументи. Имајќи ги на вид овие факти, значајноста на културната фигура на Димче Коцо, кој ги застапувал македонските национални интереси, останува и денес неприкосновена.
Една вредна забелешка на Константин Петров во Зборникот посветен на Димче Коцо, е дека ликот на Коцо сѐ уште има уште многу да му остави на ова наше општество. Во воведот на каталогот за тековната изложба, Маја Неделковска Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска пишуваат дека неговиот истражувачки дух остави голем залог за идните генерации. Неоспорливите факти говорат за суштинските заложби во рамките на поширокиот и далекосежниот културен хоризонт, па затоа несомнено релевантно е прашањето: колкава е вредноста на оставината на ликот и делото на Димче Коцо? Но дотолку појасно ќе биде формулирано ако се запрашаме: кој дел од ликот и делото на Димче Коцо ни е најзначаен? Сликарството, цртежите, изработката на таписерии и скулптури, се еднакво релевантни колку и неговите лични општествени стремежи, за одново да ја издигнеме оваа фигура на височините на достоинството на македонската современа преобразба. Етнографските согледби на Александар Ристовски ја истакнуваат големината на авторството на Димче Коцо, за која се вели дека ѝ дава една нова димензија на македонската уметност во 20 век, а историчарката на уметноста Славица Алексовска за неговата личност ќе запише дека им дава смисла и содржина на повеќе области од научното и културното живеење во Македонија.
Долгогодишната музејска историчарка, Љубица Дамјановска, со својот студиозен опфат на неговото творештво по повод ретроспективата на таписерии и цртежи во 1973 г., ќе забележи дека станува збор за кохерентно дефинирана структура, која се движи од варијанти на реализмот преку иконични и народски стилизации, сѐ до енформелната апстракција, акцентирајќи го призвукот на средновековната христијанска уметност, античките и митолошките претстави. Ликовниот критичар Ладислав Баришиќ ќе даде свој осврт по повод ретроспективата, нагласувајќи ја органската врска на уметноста и поднебјето од кое таа уметност тргнува. Нагласувајќи ја важноста на цртежот како еднаква во однос на тапсеријата, Баришиќ ги уважува посткубистичките и надреалистички креативни решенија, оддавајќи ѝ предност на аналитиката на изразот како есенцијален предзнак. Прозаичната збирка изложена во „Чифте-амам“, погледната од временска дистанца, сведочи за еден сеопфатен творечки растеж на уметникот што транзитира низ различни медиуми, кои служат за опредметување на различни поетски видувања. Своевремено Б. Петковски ќе издвои дека таписериите имаат предност пред сето друго ликовно искуство на Коцо, вајарско, цртачко и сликарско. Во нив преовладува гледањето низ материјализацијата, изразено преку јасната композиција, интензитетот на хроматскиот спектар, текстурите и вибрантната површина на памукот или волната, а изведбата се доближува до сликарските техники или плошноста на цртежот доведена до својот најпосакуван ред. Опсежното изложување во рамките на овој преглед на Национална галерија е едно од многубројните реутврдувања на ликовните бастиони, меѓу кои и Димче Коцо, чиј влог во современата творечка, историографска и музејска мисла, станува сѐ порелевантен и поповиклив.
Натали Р. Павлеска